На влезот во Скопје: Изградба на клучка пред „Хубо Маркетот“

На влезот во Скопје од правецот на граничниот премин Блаце, пред „Хубо Маркетот“, би се изградила клучка со што ќе се реши постојниот сообраќаен метеж во овој дел на главниот град.

Градот Скопје ја разгледува ваквата опција за во иднина, а во насока на утврдување на нејзината оправданост за реализација,е распишан оглас за изработка на физибилити студија и инфраструктурен проект за оваа замисла. Клучката би се градела на крстосницата помеѓу булеварот Никола Карев со булеварот 8-ми Септември и улицата Скупи.

Градските власти планираат да одвојат околу 1,4 милиони денари за изработка на физибилити студијата и за инфраструктурниот проект за идната клучка. Заинтересираните субјекти за учество на распишаниот оглас треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 април.