На улиците во Карпош фрлени 35 тони сол

Во текот на изминатата вечер во општина Карпош беа фрлени 35 тони сол за полесно топење на снегот и побезбедно движење на граѓаните и сите учесници во сообраќајот, соопшти општината и јави дека и денеска продолжила акцијата на зимските служби за чистење на снегот во Карпош.

„Ангажирани се четири  камиони кои главно се концентрирани на расчистување на повисоките места во општината, како Жданец, Трнодол, Средно и Горно Нерези и Бардовци. Дополнително, се чистат и повеќе фреквентни улици: Варшавска (во Тафталиџе 1), Њуделхиска (во УЗ Владо Тасевски), Ловќенска (во Козле) и многу други“, велат од Општина Карпош.

На терен, како што додаваат, активно работат и хигиеничарите кои се дел од комуналните служби на општината. Тие го чистат снегот со соодветна механизација која го олеснува движењето на граѓаните, како и со лопатки и друга опрема за отстранување на снегот од пред градинките, тротоарите, платоата и пешачките зони.