На улицата „Радушка“ нова фекална мрежа во должина од 428 метри

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски денеска изврши увид во градежните активности на улицата „Радушка“, каде во моментов интензивно се работи на нова фекална мрежа во должина од 428 метри.

Како што информира Општина Ѓорче Петров, со проектот опфатени се краците 5 и 6. Според динамиката на работа, како што се наведува во соопштението, канализациската мрежа треба да финишира за еден месец.

Минатата година на улица „Радушка“ беше изведена потполно нова атмосферска линија во должина од 1.115 метри.

-Решавањето на овој проблем беше од круцијална важност за граѓаните од овој дел на општината поради олеснување на движењето и сообраќањето по улицата. Со финализирање и на овој проект ќе биде решен децениски проблем на граѓаните на една од најстарите улици во Ѓорче Петров, се вели во соопштението. 

Општина Ѓорче Петров најавува дека согласно временските услови и со почетокот на градежната сезона интензивно ќе продолжат инфраструктурни активности низ општината.

Фекалната мрежа што во моментот се спроведува на улица „Радушка“ е во вредност од 3.000.000 денари и е кофинансирана од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, а со дел од средствата учествува и општина Ѓорче Петров.