„На точак“ со велосипедска рута: Бараме мерки за ноќните ѕверки!

Под мотото „Барем мерки за ноќните ѕверки“ група ентузијасти од иницијативата „На точак“ утре вечер ќе возат ноќна велосипедска рута низ Скопје. 

„Рутата што ќе ја возиме ќе биде низ централното градско подрачје, со повеќе кругови по главните булевари каде најмногу се вози небезбедно и страдаат ранливите учесници во сообраќајот, но страдаат и жителите кои се жртви и на звучното загадување предизвикано од дивото возење“, велат од „На точак“ кои бараат соодветни мерки за сообраќајот да биде скротен и сведен на безбедна активност, а не на насилство. 

Оттаму велат дека ќе застанат на булеварот Кочо Рацин кај Црвен Крст за да искажат почит кон Билаљ Љамалари кој беше прегазен на пешачкиот премин и кратко потоа го изгуби својот живот.

„На оваа локација ќе поставиме бел точак (ghost bike) за потсетување за сите институции кои можат да влијаат да се намали бројот на загинатите во сообраќајот и да стигне до посакуваната ВИЗИЈА НУЛА. Ако се стремиме на нула жртви во сообраќајот треба да ги реобмислуваме и менуваме сите црвени точки каде се случуваат сообраќајни судири“, велат ентузијастите. 

Кога станува збор за ноќното возење од „На точак“ велат дека има значително понебезбеден сообраќај.

„Сведоци сме на луѓе кои возат коли со огромни брзини, пијани и поминуваат на црвено без да проверат дали некој се движи пред нив. Потребно е секој од нас да биде видлив и мора да ја има основната пропишана опрема за ноќно возење велосипед - бело светло напред, црвено светло позади и катадиоптри (мачкини очи)“, велат од иницијативата чија главна цел безбеден сообраќај за сите учесници.