„На Точак“: Скопје ќе продолжи да се заглавува сè додека не се сменат приоритетите

Од „На Точак“ - групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје реагираат дека просторот е ограничен ресурс и Скопје ќе продолжи да се заглавува сè додека не се сменат приоритетите. 

-Што значи за просторот 60 луѓе да се превезуваат на одреден начин?

- 60 луѓе да се превезуваат со автобус значи дека ќе зафатат место на улицата колку 1 автобус (2-3 коли)

- 60 луѓе да се превезуваат со точак значи дека ќе зафат место на улицата колку 2-3 автобуси (4-6 коли)

- 60 луѓе да се превезуваат секој сам со кола значи дека ќе ја зафатат цела улица!

Мултиплицирајте што значи за просторот ако мнозинството граѓани се превезува на одреден начин!

Просторната математика е јасна!

Кога во еден град расте бројот на жители, расте бројот на нивните активности и патувања, расте економската активност итн, автомобилот НЕ МОЖЕ да биде одговор за движењето на најголем дел од луѓето во најголем дел од патувањата.

Градот (и општините) мора да инвестираат во квалитетен јавен превоз, во развиени велосипедски и пешачки мрежи.

Приоритетите мора да се променат!

Просторот е ограничен ресурс и Скопје ќе продолжи да се заглавува сè додека тоа не се случи, велат од „На Точак“.