„На точак“ бара да се пронајдат украдените велосипеди

„Критична маса“ бара поодговорен и посистематски пристап на институциите во третирање на пријавите за кражби во МВР, со цел да се зголеми процентот на пронајдени велосипеди, кој во моментот е многу низок.

За таа цел, утре учесниците на 70-та по ред „Критична маса“ која ќе се одржи под мотото  – „Имаш сериозна врска?“ ќе возат возат по однапред објавена рута по скопските улици со почеток од 17.30 часот на Плоштад Македонија, а ќе завршат пред депото на МВР каде се чуваат запленетите украдени велосипеди.

Целта на оваа „Критична маса“ е да го сврти вниманието кон проблемот со кражбите на велосипеди, да повика најпрво на личната одговорност на сопственикот за безбедноста на неговиот велосипед, но и да побара поодговорен и посистематски пристап на институциите во третирање на пријавите за кражби во МВР, со цел да се зголеми процентот на пронајдени велосипеди, кој во моментот е многу низок.

Во пресрет на настанот, здружението „На Точак“ спроведе онлајн анкета со цел да го испита мислењето на заедницата околу ова прашање. Анкетата се спроведе од 19-23 февруари, а ја одговорија 2006 испитаници од кои 47% дадоа потврден одговор на прашањето – дали некогаш им бил украден велосипед, а дури на 39% им бил украден повеќе од еден. Иако 71% од нив ја пријавиле кражбата во МВР, само на 2% им бил пронајден велосипедот од страна на МВР. 70% од тие кои пријавиле во полиција, немале доверба во истата дека ќе има сериозен пристап во пронаоѓањето на велосипедот. Иако повеќе од половина од испитаниците сметаат дека проблемот со кражбите е сериозен, тие не се информирани дека секој велосипед има свој сериски број или пак не го запишале. Сепак, дури 97% од оние кои ја одговориле анкетата би сакале Македонија да има национален регистар за велосипеди каде дури 86% би направиле проверка во истиот пред да купат половен велосипед.