Жителите на половина од скопската населба Волково денес се соочуваат со прекин на електричната енергија кој трае повеќе од 10 часа, додека температурите се блиску до нулата. Револтирани граѓани на социјалните мрежи споделуваат информации за проблемот.
„На минусни температури, тешко се функционира и живее без струја“, велат тие, додавајќи дека многумина од нив во текот на зимата се греат со електрична енергија.
Граѓаните исто така посочуваат дека се обидуваат да стапат во контакт со надлежните служби, но засега не добиле одговор.
Според последните информации, екипите на ЕВН Скопје се на терен и работат на отстранување на дефектот, со цел да го обноват снабдувањето со електрична енергија.