На Табановце запленети преку 20 000 евра за една недела

На граничниот премин Табановце само во текот на изминатата недела царинската служба запленила паричен изос поголем од 20 000 евра. 

Во два одвоени случаи, запленети биле 16 000 евра и 213 000 чешки круни, односно повеќе од 7 800 евра во соодветната противвредност. Во првиот случај, при претрес на двајца македонски државјани кои излегувале од државава со патничко моторно возило, исто така регистрирано во Македонија, биле пронајдени непријавени 20 000 евра, па истите биле привремено задржани. 

Парите биле пронајдени сокриени во рачна торба, под појасот и облеката на двајцата патници. Парите биле задржани, освен сумата од по 2 000 евра која според прописите е дозволена за изнесување од државата, без соодветна документација. За сторителите се поведени прекршочни постапки. 

Што се однесува до вториот случај, при претрес на македонски државјанин, кој управувал чешки автомобил, исто така пријавен за излез од државата, биле порнајдени 270 000 чешки круни, без соодветна документација. Од сумата, задржани биле 213 000, додека остатокот му бил вратен, како дел од дозволената сума на пари која смее да се изнесе од Македонија. За сторителот е поведена соодветна постапка за девизен прекршок.