На скопјани и 50 денари им се многу - ова е приказната на чичко Елис, единствениот уличен чистач во Скопје

Чистачите на чевли се една од ретките автохтони урбани професии. Појавата на чистачот на чевли (некаде кон крајот на XIX и почетокот на минатиот век) во суштина го означува еманципирањето на градот. Скопските чистачи на чевли можеле да се сретнат на плоштадот, како и на улица Македонија. Додека во минатот нивниот број бил голем денес во градот има само двајца чистачи на чевли.

Еден однив е чичко Елис, кој со оваа професија се занимава од своите десет години.

-Мојот татко беше чистач работеше веднаш до хотелот Турист. Од него го превземав занаетот. На Рекорд сум повеќе од 40 години. Чистам со четките на мојот дедо кои се направени од коњско влакно. На Рекорд сум од 7 часот до 14 и лете и зиме, мора да се работи за да заработам. На ден се случува да зарботам и по 500 денари, а некогаш се враќам дома и без денар, вели Елис.

За разлика од минатото кога градот бил преполн со чистачи кои заработувале многу, денес на скопјани и 50 денари им се многу.

-Странците се честите клиенти, порано и на студ можев да издржан, но сега годините си го прават своето. Иако чистењето на чевли чини 50 денари, ретко кој застанува за да си ги исчисти чевлите, вели Елис.

За разлика од кај нас, денес некаде далеку во светот чистењето чевли не е само фолклор, туку претставува и сериозен бизнис. „Њујорк тајмс“ само во неколку месеци, во март и во август годинава пишува за чистењето чевли како за мошне сериозен бизнис за кого постои и понуда и побарувачка.

Позната е легендата, според која Рокфелер, наводно по разговор со чистачот на чевли, ги продал сите акции на Вол Стрит, непосредно пред започнувањето на Големата депресија во 1929 година и така го сочувал своето богатство. Во полуавтобиографскиот филм „Америка, Америка“ (1963) на Елија Казан, главниот јунак, младо момче, Грк од Анадолија, целиот филм се бори да стаса до Америка. Кога конечно доаѓа во ветената земја, станува чистач на чевли и со заработените пари успева да го донесе целото семејство во САД. Впрочем, чистењето чевли има значајна улога во севкупниот мит за американскиот сон. Википедија наведува дека чистачи на чевли биле од соул-легендата Џемс Браун, преку борецот за граѓански права Малколм Икс, па сè до некогашниот гувернер на Илиноис Род Благоевич (кој неславно ја заврши својата политичка афера, како главен виновник во „продавањето“ на испразнетото сенаторско место на американскиот претседател Барак Обама). Наводно и некогашниот бразилски претседател Луис де Силва исто така бил чистач на чевли. И Македонија не е имуна од овој тип митологии. Во официјалната биографија на Есма Реџепова стои дека е израсната во семејство на чистач на чевли и дека уште како девојче му помагала на татка си, а подоцна купувала бои за чевли за повеќе улични чистачи и така заработувала за живот. 

Во таа смисла,излегувањето на чистачите на чевли на улиците не значи ништо друго, туку меѓник меѓу старото прединдустриско време и новата епоха. Нивното појавување коинцидира со доминацијата на либертианскиот дух, претприемаштвото и – формирањето на таканаречената граѓанска, односно средна класа. Слугите повеќе не се слуги, туку ситносопственици, чиновници, трговци, занаетчии... Од една страна созреаната класна свест, а од друга новиот, брз ритам на времето и важноста на надворешниот изглед, му дава за право и на припадникот на овој штотуку создаден граѓански сталеж да се почувствува господ(ар)ски. И нему некој да ги „исполира“ кондурите.