На Шилегов не му се допаѓа, ама ќе се пресели во барокната Градска куќа

Градската администрација може полека да се пакува за исселување од бараките во Градски парк во кој “привремено” е сместена речиси педесетина години. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов очекува градежната фирма “Бетон” до октомври да го заврши барокниот објект на новата Градска куќа која се гради под Кале покрај зградата на “ЈП”Водовод и канализација” . За дозавршување на овој објект градските власти договорија на “Бетон” да му се исплатат 3 милиони евра, наместо првично утврдените 5 милиони.

– Со “Бетон” успеавме да постигнеме договор во два сегменти каде се јавува како изведувач. Едниот е Градската куќа што се гради до зградата на “Водовод и канализација”, да ја довршат до октомври годинава. Очекувам по тоа да влеземе во конечно завршување на “временото” сместување на градската администрација во овие бараки кое трае 50-тина години. Условите во кои работат вработените овде се катастрофални и тие заслужуваат подостоинствени работни места – вели Шилегов за весникот “Вечер”.

Шилегов од неговиот претходник, Коце Трајановски ја наследи новата административна зграда изградена речиси до половина. Изградбата почна 2011 година и до промена на власта во Град Скопје кон крајот на минатата година, направена беше само фасадата, а внатрешниот простор беше речиси не чепнат. По договорот со Град Скопје, „Бетон” даде гаранции дека целиот објект ќе го заврши во предвидениот рок.

Зградата има површина од 1.274 квадратни метри и на приземје и пет ката. На приземјето ќе биде сместена Архивата на Град Скопје, како и другите простории наменети за директните корисници на услугите на Градот. Од првиот до четвртиот кат се обезбедени канцеларии за вработените во градската администрација. Канцелариите се од океански тип, со можност за приспособување на просторот во зависност од потребите на Градот Скопје. Објектот предвидува работен простор за 650 вработени. На петтиот кат се планирани простории за кабинетот на градоначалникот на Град Скопје и за секретарот на Град Скопје, сала за Советот на Град Скопје и просторија за претседателот на Советот.

Фасадата на зградата е во неокласичен стил и од претходното градско раководство беше именувана како “Градска куќа Мајка Тереза”.

– Објектот кој е наследство од проектот “Скопје 2014”, мене лично не ми се допаѓа, но, сепак таму се вложени средства на нашите сограѓани. Немаме право да го игнорираме тој објект, а дали во иднина ќе го модифицираме неговиот изглед е друго прашање – вели Шилегов.