„На село, на гости, на тевна ќотек“ - отворени, живи и весели луѓе се љубанчани

Oва скопско село се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора каде што се допира со просторот на Општина Липково.

Селото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени две околни села кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта селаните ископувале на местата Гребиште, Делба, Св. Јован.

Од пишаните документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453година за тогашниот Скопски вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, просо, овес, граор, бостан, лен, лозја, чувале свињи и пчели во улишта, одгледувале свилена буба во кожурци, за што имале црници (дудинки) како и други овошни дрвја како круши, ореви и друго овошје и работеле 4 воденици за што остварувале приход од 11.725 акчињa.

Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 72 македонски христијански семејства, а исто толку се запишани и во 1568 каде што е одбележано дека имало и втор назив - Пустинец. Во минатото, во непосредната околина на Љубанци постоеле селата Згуровци на планинската падина над сегашното село и Лопушани за кое има пишани податоци уште од 1302 и 1308 година, а кое се наоѓало на ниско земјиште околу 3 км јужно од денешното Љубанци. Животот на жителите на овие две села Згуровци и Лопушани за време на отоманското владеење бил многу тежок, бидејќи постојано биле напаѓани од муслиманските Албанци на планината од север и чифлик-сајбиите Турци од југ. Поради тоа, тие се собрале во поголемото потпланинско село Љубанци каде што како христијани можеле полесно да се бранат од насилствата на споменатите муслимани.

Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во 19 век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината е повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди.

Просторот меѓу Коренска и Песчинска Река се нарекува Кула затоа што на него се наоѓаат урнатини од една стара кула, а за таа кула се раскажува дека до пронаоѓањето на пушката нејзиниот сопственик се бранел со стрели, а откако излегле пушката и топот тој се криел во неа].

Турците, кога ја освојувале Црна Гора, долго време не можеле да ја заземат таа кула и најпосле една баба им го покажала местото каде што таа можела да се бие и набрзо паднала во нивни раце]. Над Љубанци во Скопска Црна Гора имало две стари сега непостоечки села Згуровци и Едриевци. До пред 80 (денес 200) години атарите на тие 3 села биле спахилак.

Љубанчани најпрвин го откупиле својот атар, а бидејќи тој бил мал, подоцна тие ги откупиле атарите на другите две соседни села.

За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонск национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од остантите претежно србомански села се нарекувани Бугари.

За тоа сведочи и Ѓорче Петрoв кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва. Дури и роднините на српскиот конзул во Солун, родум од тоа село, се откажале од роднинските врски кога тој се обидел да ги поткупи да станат Срби. Тоа село држи силна спротивставеност на Кучевиште кое е гнездо на српскат пропаганда.

Првото училиште во Љубанци се отворило уште во 1853 година. Во непосредна близина на Љубанци, во соседното село Љуботен, на почетокот на месец август 2001 година, се водеа тешки борби помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи при што дел од населението на ова село учествуваше во одбраната на Љубанци, главниот град Скопје и Македонија. На 10 август 2001 година, на нагазна мина кај месноста Љуботенски бачила загинаа 8 припадници на македонската војска. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнува полициската единица на Јохан Тарчуловски (кој потекнува од Љубанци) и врши извидување на Љуботен, веќе на 12 август, околу 8 часот наутро, од Љубанци почнува нападот врз селото Љуботен изведен од полициската единица што ја командува Тарчуловски, кој за оваа полициска акција ќе биде осуден од меѓунардниот трибунал во Хаг.

Потекло и значење на името

Името на селото Љубанци потекнува од личното име на некој човек - Љубомир, Љубан, кој можно е во најдалечните времиња да бил основател и поседник на селото.