На само 17 километри од центарот на Скопје, постои огромна гробница на моторни возила

На површина од 30 илјади метри квадратни, со години лежат илјадници автомобили, мотори, автобуси и камиони. Овој простор за дел од нив е дом и повеќе од 15 години. Но овие моторни возила не се напуштени од своите сопственици туку напротив запленети од државата. А запленети се поради тоа што со нив се сторени кривични дела, пренесува 1тв.

По толку години стоење на отворено, кај дел од нив природата почнала да го зема својот данок. Едни рѓосале, други пак не можат ниту да се забележат поради тревата и грмушките кои обраснале околу нив. Претежно таков е случајот со запленетите камиони кои повеќе од една деценија стојат во депото во Идризово. Со овие возила раководи Агенцијата за управување со одземен имот. Директорот на оваа институција, Фатон Асани, вели дека еден од првите негови чекори по назначувањето на функцијата, бил да ги собере луксузните возила од сите депоа во земјата и да ги стави под еден кров.

– Прво што направив, донесовме гребан асфалт. Го поставивме гребаниот асфалт и повредните возила кои што се ширум цела Македонија гледав да ги донесеме на ова заштитено место, под оваа настрешница за да бидат заштитени. Независно дали се правосилни или не се правосилни. Кога едно утро би станале правосилни, дали во корист на Република Македонија или треба да се вратат на граѓанинот, да се вратат барем во некоја позачувана состојба. Така да самите гледате тука дека имаме повредни возила за разлика од останатите кои ќе ги видите покасно и се трудиме да бидат заштитени на некој начин, вели директорот на Агенцијата за управување со запленет имот.

Но заштитувањето на возилата оди тешко, од една страна поради недостатокот на простор но и поради долгите судски постапки кои траат со години, а сето тоа се одразува на состојбата на моторните возила, вели Асани. Огромен број возила запленети од државата ги снаоѓа истата судбина. Најмалку 6 илјади моторни возила а можеби и неколку илјади повеќе со години стојат на депоата со кои што управува Агенцијата за управување со одземен имот. Поради долгите судски постапки дел од возилата стојат и повеќе од една деценија, а тие возила сега се нефункционални.

Во минатите неколку месеци поточно по назначувањето на директорската функција, Асани вели дека на институциите ширум Македонија доделил околу 200 функционални возила кои со судска одлука и биле доделени на државата.

– Ние свикуваме управен одбор, тој решава по барањата на државните институции доставени до нас, и даваме приоритет на институциите кои навистина имаат потреба од возила. А сите институции во Македонија моментално имаат потреба од овие возила. Како што се ослободуваат возилата, односно како што стануваат правосилни ние не ги чуваме, веднаш ги доделуваме на веќе доставени барања од државни институции, вели Фатон Асани.

Системските проблеми кои со деценија се таложеле во работата на Агенцијата, директор вели дека не може да се отстранат преку ноќ, но се прават сите напори да се поправи состојбата во институцијата. Како класичен пример за лошо раководење со институцијата минатите 10-тина години, Асани ги посочува возилата кои на граничниот премин Богородица стојат околу една деценија.

– Проблемот е тоа што илјадници или милиони туристи или луѓе кои поминувале на граничниот премин го гледале тој срам десет години. И сега, гледаме на некој начин на сите полиња да одговориме со тоа што можеме. Во случајов тие десет возила ги тргнавме, останато е уште едно возило, изјави за 1ТВ, Асани.

Агенцијата за управување со одземен имот има неколку депоа во повеќе градови во Македонија, и сите возила запленети од МВР, или Царинската управа одат таму. Но во магацините на агенцијата под катанец се чува и останата роба која е недозволена или пак имало обид за нејзино криумчарење но била пресретната од државните институции.