НА РЕКОРД: ЈСП ќе постави билетарнициa која ќе произведува своја струја

Самоодржливи билетарници кои ќе произведуваат сопствена струја и ќе ја филтрираат искористената вода е најновиот проект на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кој е предвиден со инвестициската програма за 2017 година.

Идејата е да се заменат старите и дотраени трафики со нови, модерни, еколошки, трендовски. Од 30-ина стари објекти годинава ќе се заменат само неколку. Од ЈСП појаснуваат дека намерата е билетарниците да се осовременат со компјутери, а вработените да се служат со најновите технологии. Тие сега во објектите во кои работат не само што немаат компјутери, туку немаат ни тоалети. За осовременување на билетарниците ЈСП во својата инвестициска програма за 2017 година има предвидено 15 милиони денари.

Како ќе изгледаат новите монтажни објекти не може да се каже предвреме, бидејќи тие допрва ќе се проектираат. Директорот на ЈСП, Игор Јанушев, вели дека изгледот, нивната функционалност и цената ќе бидат одлучувачки при избор на идејниот проект. Како пример дава проект со објект што ќе користи сончева енергија која ќе биде доволна за компјутер, печатач и светилка, па тогаш ЈСП би одлучил за него, доколку проектот има прифатлива цена. Проектантите ќе работат на однапред добиени димензии за објектот како и големината на просторот на кој ќе се простираат. Изборот на проектите ќе зависи исклучиво од цената. 

Сегашните билетарници на ЈСП, вкупно 24, се привреемени објекти, киосци и трафики без основна инфраструктура како тоалет и чешма, а вработените во нив работат во две смени. Вкупниот буџет за овој проект во 2017 година е 15 милиони денари, а постапката за негова реализација се планира да почне во август.

Од претпријатието најавуваат и дека оваа година планираат да постават паметна автобуска постојка на улицата Димитрие Чуповски, попозната како „Рекорд“ . Постојката ќе биде изработена според идејното решение на тимот „Урбан лаб 1“, кој се состои од млади архитекти и инженери по електротехника и софтвер Мила Рориќ, Дејан Томски, Ѓорѓи Нусев и Марина Најдоска, кои победија на натпреварот што го организираа Фондот за иновации и технолошки развој, заедно со ЈСП.