На ред дојде печатењето на двојазични лични документи со новото уставно име на државата

Владата ќе испрати до пратениците текстови на законски измени со кои ќе се утврди обврската на личните карти, возачките и сообраќајните дозволи, патните исправи и други документи да се печати двојазично и со новото име на држaвата.

Во соопштението на Владата се вели:

Владата денеска ги утврди текстовите на Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република  Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, заради усогласување со законските решенија во Законот за употреба на јазиците, како и од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,’Република Македонија’ со патни исправи со новото уставно име на државата, запазувајќи го рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република  Македонија.

Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, како и Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ќе бидат доставени на усвојување во Собранието на Република  Македонија во редовна постапка.