На пролет се очекува почеток на изградбата на автопатот Скопје – Блаце

Следната пролет се очекува да започнат градежните работи на автопатот Скопје – Блаце, кој ќе биде делумно изграден со средствата на Европската банка за обнова и развој, а делумно со грантови и средства од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Ова го најави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, според кого првите проценки се дека во целост проектот ќе чини над 100 милиони евра.

„Дел, 1,9 километри од граничниот премин па навака ќе се изгради од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и го обврзавме претпријатието, на првиот Управен совет, следната недела, да го промени планот за јавни набавки и до ноември да отвори тендер за изградба и надзор на делотот од 1,9 километри од граничниот премин па навака, додека остатокот ќе биде изграден со помош на Европската банка за обнова и развој, за што ќе обезбедиме и грант во висина од 20% од вкупната вредност на овој автопат . Согласно основниот проект кој го подготвуваме со средства од Европскиот фонд за Западен Балкан што ги обезбеди Секретаријатот за европски прашања, предвидени се четири тунели и 9 мостови на оваа траса од 12,4 километри“, рече вицепремиерот Османи.