На предното стакло задолжително со црвени букви TAXI: Еден патник до возачот, труба и специјален паркинг

Таксито во Скопје датира од 1924 година. Покрај горенаведената станица, таксистите стоеле и на плоштадот “Крал Петар”, на улицата кај Кејот “13 Октомври” и кај Споменикот на паднатите борци.

Прв таксист во Скопје бил Ѓорѓи Поповиќ. И автотаксистите работеле во две смени - дневна и ноќна. Цените  за такси-услугите биле нешто повисоки од оние на пајтонџиите. Меѓуградските такси-возила стоеле на Бит-пазар, а ноќе во гаража. Цената на возење на меѓуградски релации изнесувала 80 динари за 1 час возење.

Според правилата за јавен сообраќај што ги одредила Управата на Полицијата, автотаксистите во периодот кога не работеле, ги оставале колите на одредени станици, потоа не смееле да примаат повеќе од еден патник до шоферот, на предното стакло морало со црвено да се испише TAXI, а под тоа да се означи бројот на патници, не смеело да се превезуваат животни или болен човек со други патници.Шоферите морале да бидат пристојни, да не пцујат, пушат, пијат или да се караат.

Најстрого било забрането возење на автомобили низ град побрзо од 10 км на час, а возачите требале со труба да свирнат кога преминувале од една на друга улица, кога доаѓале на раскрсница или преоѓале преку мост, за жандармите и минувачите да знаат во кој правец се движат автомобилите. Ако оделе напред-свирнувале еднаш, лево-трипати и десно-двапати.

Оние кои не се придружувале кон овие правила биле казнувани со 150 динари казна или 20 дена затвор. Во Скопје, пред 1930 година, биле воведени сообраќајни знаци, а во 1929 година се започнало со калдрмисување на некои улици со ситни коцки. Најнапред биле калдрмисани со ситна базалтна коцка оние улици во центарот кои воделе до плоштадот, со што овој дел од градот станал попристапен.

Сето ова придонело за осовременување на автомобилскиот сообраќај. Според податоци од 1932 година, во Скопје имало 96 автомобили кои можеле да се купат во салоните за автомобили на брака Поповиќ, Асео Сабатаи и на Ментеш Колономос.