На паркинзите во Центар поставени сандачиња за предлози и поплаки од граѓани

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје постави сандачиња на сите паркомати кои се во сопственост на претпријатието каде што граѓаните ќе можат да остават предлози, поплаки и пофалби.

„Граѓаните секогаш треба да бидат вклучени во процесот на одлучување за начинот на кој функционираат јавните претпријатија и да бидат прашани за проблемите со кои тие се соочуваат. Затоа ги повикуваме сите корисници на нашите паркиралишта да ги остават своите предлози и поплаки во сандачиња кои се поставени на нашите паркомати”, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.

До сандачињата ќе има формулар за прашања, сугестии и поплаки кадешто граѓаните во писмена форма ќе можат да го изразат нивното мислење за работата на претпријатието. ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе формира посебна комисија која еднаш неделно ќе ги разгледува сите пристигнати поплаки, пофалби и сугестии и ќе постапува согласно надлежностите. ЈП ПОЦ се надева дека овој потег ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на работата на претпријатието со цел да се добијат услуги кои ќе бидат целосно ориентирани кон граѓаните.