На одреден број домаќинства ќе им биде поделена уште една канта која ќе биде наменета за одлагање на биоразградливиот отпад

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје во претстојниот период планира да реализира пилот-проект со кој ќе се овозможи примарна селекција на отпадот во домовите на граѓаните. На одреден број индивидуални домаќинства ќе им биде поделена уште една канта која ќе биде наменета за одлагање на биоразградливиот отпад, односно влажната фракција од комуналниот отпад.

Како што изјави за МИА директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје Абдусамед Шабани, во центрите за селекција директно ќе се транспортира само сувата фракција, што ќе биде поделена на суровини што се подложни на понатамошно рециклирање-пет-амбалажа, стакло и хартија.

Град Скопје на четврти април годинава потпиша Меморандум за соработка со ЈП „Комунална хигиена“, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Go green“ и Здружението Ромски бизнис информативен центар во Македонија со цел унапредување на соработката во управувањето со отпад.

Потписниците на Меморандумот се обврзаа дека меѓусебно ќе соработуваат во интерес на подобрено управување со отпадот, унапредување на центрите за собирање, селектирање и складирање на отпадот на ниво на Град Скопје, формализирање на неформалните собирачи на отпадот и нивно вработување во организираниот систем за управување со отпад.

– За таа цел, од страна на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, неформалните собирачи ќе бидат обучени, едуцирани и опремени за отпадот да го собираат директно од домовите на граѓаните и потоа да го селектираат во рамки на центрите за селекција на отпадот. Покрај социјалните придобивки, се очекува интегрирањето на неформалните собирачи на отпадот во организираниот систем за управување со отпад да има позитивни ефекти врз заштитата на животната средина и да го намали загадувањето на територијата на Градот Скопје, вели Шабани.

Во Скопје има околу 1.400 неформални собирачи на отпад.