Од почетокот на пандемијата до сега во статистиката на починати од компликации од вирусот кај нас регистрирани се 6.539 починати, но во оваа бројка се и лицата што починале во сообраќајки, самоубиства..., а биле позитивни на вирусот, анализира порталот МКД.мк.
Според статистиката што ја има Институтот за судска медицина во Скопје, до сега направени се околу 50 обдукции на починати лица што биле позитивни на ковид-19. Сите овие обдукции се направени бидејќи имало судско-медицинска индикација за тоа, а во нив се и оние 14 жртви кои починаа во модуларната болница во Тетово. Останатите се случаи на самоубиства, незнаена смрт, ненадејна смрт, сообраќајни незгоди, починати во казнено-поправни установи итн.
Од останатите 6.489 што починале од ковид-19, а за чија смрт немало никаква индикација за да се отвори истрага, не е направена ниту една обдукција.
Директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, д-р Александар Станков, за МКД.мк на оваа тема вели дека до сега немаат направено обдукција кај починат во болница што се лекувал од ковид-19.
„Наодите од обдукциите, со целокупната медицинска историја за еден случај е добра основа за анализа на морталитетот предизвикан од инфекција со ковид-19. Причина за смрт по дефиниција е она заболување, состојба или повреда што го покренува синџирот од случувања што завршуваат со смртен исход. Одговорот за причината за смрт кога се работи за болест предизвикана од причинител што сѐ уште не е до крај познат на медицинската наука е долг и комплексен процес. Се разбира, како основен инструмент за решавање на овие случаи се судско-медицинската или патолошко-анатомската обдукција. Со изведување на обдукцијата се утврдуваат сите макроскопски и микроскопски промени на органите, а со употреба на дополнителни анализи можно е и утврдување на предизвикувачот на заболувањето. Морам да кажам дека се работи за ново заболување, нов вирус и во процесот на утврдување на причината за смрт потребно е да се извршат обемни анализи како на медицинската документација, така и на промените на органите. Во овие скоро две години од појавата на ковид-19 постојат доста сознанија објавени во релевантна литература за вирусот и оштетувањата што ги предизвикува, но за жал не постои лек што би помогнал во лекувањето на болните“, објаснува д-р Станков за порталот МКД.мк.