На мојата најдрага...

Доцнев на работа. И таа доцнеше.

Испаничено станав и почнав да викам: „Леле, доцнам.“ Таа само ме погледна, со очи без сјај, очи уморни од животот, очи полни со очекувања... Јас излегов од станот, свесна дека ме чека уште еден ден полн со обврски, но ништо не ми одеше од рака. Телото ми беше згрчено. Си мислев: „Што може да ѝ биде?“

Заѕвони телефонот и го чув испаничениот глас на соседот: „Ја однесоа во болница.“
„Каква болница, зарем неа може нешто да ѝ биде?“

Му се јавив на брат ми. „Ние сме во итна“, ми рече.

Си реков:„Сега ќе ѝ кажам колку ја сакам, ќе ѝ го посветам сето мое време, ќе ја прегрнувам најцврсто што можам, ќе одиме на кафе секој ден... Што уште да ѝ кажам? Имам да ѝ кажам уште многу работи.“

Влегов во една соба, а внатре докторката и уште две медицински сестри.

„Добар ден! Јас сум ќерката на госпоѓата која ја довезоа. Може ли да ја видам?“

„Госпоѓице, Вашата мајка умре.“

Молк. Ја барав низ креветите, само да ја видам, да ѝ кажам... Згрешиле. Тоа сигурно не е мојата мајка. Му пријдов на креветот, а таа лежеше, како да спие, во својот виолетов фустан, спокојна. Ја бакнав, ја прегрнав, но не можев ништо да кажам. Не можам да најдам зборови за доживеаната болка. Мојот врисок допре до небото, плачеше и небото со мене, но ни тој врисок не беше ни блиску до тоа колку беше силна болката. Имав чувство како некој да ми ја сече душата на парчиња.

Па дали е ова праведно? На едно дете да ѝ ја одземеш мајката? Дете кое не ни знае како се живее. Во тој свет, два света беа уништени. Нејзиниот и мојот и тоа во моментите кога највеќе ми беше потребна мојата мајка. Тој ден, кога нејзината душа го пронајде вечниот мир и кога беше спуштена во ладната, црна земја, сите ја шепотеа истата реченица: „Не се грижи. Јас сум тука и ќе бидам засекогаш.“

Дали верувате дека беа? Јас сум тогаш верував дека ќе бидат, дека некој повторно така искрено и цврсто ќе ме прегрне и дека ќе можам да кажам колку ме боли и колку ме недостасува.

Единствена моја, животот на еден начин застана во оној момент кога ме напушти, а почна кога и јас самата станав мајка. Сега, кога го гледам својот син, си мислам што би правеле ние заедно со него... Па тој би ја имал најдобрата баба на свет.

Никогаш нема да можам доволно да се заблагодарам за твоето воспитување, затоа што мојот син сега учи од мене. Единствена моја. Бог дава живот. Бог нѐ носи и на другиот свет. Знам дека таму го имаш пронајдено својот мир и засолниште. Знам дека го следиш секој мој чекор. Сѐ гледаш и без да ти кажам. Доволен ми е твојот поглед, без да кажеш нешто. Се разбираме.

Некои појави се посилни од мојот став.

Те сака твоето девојче. Секогаш.