На мојата драга пријателка...

Драга пријателке, 

Не мораш ништо да ми објаснуваш. Гледам дека ти е тешко. И знам дека тоа трае веќе подолг период. Ја чувствувам твојата болка, го забележувам твоето страдање. И јас страдам заедно со тебе иако ти не го знаеш тоа. Гледајќи те тебе се сеќавам на себе. И јас некогаш имав маки. Ми се враќа тоа грозно чувство на сомелена душа. Тоа одвратно чувство на беспомошност. Не можеш да направиш ништо, а животот те стиснал, те загушува, не ти дава мир. Знам дека сега не го гледаш излезот. Сега си завиена во црно. 

Но, морам да ти кажам нешто, иако можеби не сакаш да го чуеш тоа. Работите се во твои раце. Секогаш биле. Исто како што беше и кога мене ми беше тешко, а јас тоа не го знаев. Некако, сите ние со своите црни мисли, стравови, комплекси и несигурности го привлекуваме сето лошо што ни се случува. 

Немој веднаш да одмавнуваш со раката, немој да се муртиш. Дај ѝ шанса на оваа идеја. Ако ја прифатиш теоријата дека имаш моќ сама да си го загорчиш животот и да ја прифатиш таа огромна одговорност, тогаш брзо ќе ја прифатиш помислата дека имаш исто толкава моќ да го поправиш, зарем не? Помисли, барем за миг, што значи тоа. Замисли кој е тој потенцијал кој ти стои тебе на располагање. 

Сето она што сега те крши е резултат на минатото, твоите минати мисли, одамна усвоени ставови, одамна изговорени зборови. Ако успееш да го заборавиш тоа, да го фрлиш во канта за отпад и почнеш да чекориш напред, со нови мисли, свежи ставови и конструктивни зборови и дела, оваа луда сегашност наскоро ќе стане минато, на кое понекогаш ќе се сеќаваш. Да, толку е едноставно. Дури и да не ти се верува, зарем не? 

Знаеме добро и двете колку си силна, издржлива, способна и памтена. Сигурна сум дека нема да дозволиш овие тешки времиња да те срушат. Тешките времиња доаѓаат и проаѓаат, а ти остануваш.  Мене ми изгледаш како Монт Еверест, кој стои право, гордо и високо и трпеливо чека да помине невремето, да огрее сонцето, да се наполни со енергија за да може повторно храбро и достоинствено да го дочека следното невреме. Но, следното нема да бидете толку страшно, нема да делува толку безизлезно. 

Нема, затоа што ќе знаеш колку си посилна, колку помудра и помоќна си станала во меѓувреме. Ќе знаеш дека ако твојот живот зависи од твоите мисли и зборови, имаш моќ да ги контролираш, да управуваш со нив. Ќе знаеш дека следниот пат кога ќе се запрашаш што си му згрешила на Бог, тоа не треба да го правиш, затоа што тоа е рецепт за пропаст. Ќе го сопреш тој налет на умствена деструкција, ќе ставиш прст на чело и ќе си кажеш: „Го можам јас ова, можам да ја надминам препрекава.“ Со таа мисла ќе започнеш од дното, верувајќи дека сигурно ќе стигнеш до врвот и тоа како победник. 

Слушни ме. Собери сила, натрупај оптимизам и верба. Не им дозволувај на сомнежите да те шутираат, на стравовите да те шамараат. Додека се качуваш, не гледај наоколу, концентрирај се само на целта. Не дозволувај да си наоѓаш оправдувања. Заборави која година е, заборави на тоа какви се времињата и што другите мислат или говорат. Заборави ги правилата и „вистините“ со кои те хранат цел живот. Каде пишува дека животот мора да биде тежок? Каде пишува дека чесен човек не може да успее? Каде пишува дека ти не си таа која ќе ги собере сите награди и пофалби, дека баш ти не си таа која ќе го промени светот? 

Во нас живее неверојатна сила која не ја ни познаваме, не можеме дури ни да ја дефинираме. Таа сила те донела на овој свет со причина, со некоја цел која само ти можеш да ја исполниш. Го знаеш и ти тоа. Го чувствуваш одвнатре.

Направи чистка во главата. Исфрли го сето она што е негативно и она што те влече надолу. Не се грижи. Лесно ќе ги препознаеш таквите мисли. Тоа е оние кои те прават нервозна, исплашена, недостојна, мала. Исфрли ги. Замени ги со нови, конструктивни, моќни. И потоа чекај и гледај, набљудувај како се случуваат чуда. И јави ми се. Да се радуваме заедно.