Каква ќе биде судбината на постоечкиот Клинички центар „Мајка Тереза“ е прашање кое добива на актуелност по најавата дека целосно нов комплекс клиники ќе се гради во Бардовци, проект вреден 420 милиони евра, пишува порталот „емагазин“.

Министерот за здравство, Венко Филипче неодамна објасни дека, новата локација е избрана во договор со Асоцијацијата на архитекти кои дале издржано професионално мислење зошто сметаат дека тој Клинички центар треба да биде лоциран таму.

-Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години. Разгледувавме неколку локации кои се доволно големи, каде што освен зградата на Клинички центар ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем кој на некој начин ќе биде мал медицински град, ќе биде достапен лесно за граѓаните на Скопје и целата држава, со соодветни пристапни патишта , додаде Филипче.

Парцелата на која што ќе се гради новиот објект изнесува 84 хектари и е трипати поголема од местото каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар. Тогаш, Филипче не откри каков е планот за постоечкиот комплекс клиники. Со оглед на тоа што станува збор за атрактивна локација на подножјето на Водно, а познавајќи ги досегашните практики за брзо збогатување со изградба на станбени згради, лесно може да се случи на сегашната локација да никне компекс станбено-деловни објекти кои потоа би биле предмет на комерцијална продажба.

Фото: Медицински факултет

извор: emagazin.mk