На место на старата полиција во Ѓорче Петров ќе се изгради монтажен паркинг

Монтажен паркинг од отворен тип ќе се гради на местото на бараките од старата полициска станица во Ѓорче Петров. Делот, пак, што е цврста градба, ќе го користи општината. Сепак, пред да се почне со рушење и изградба, како што велат од Општина Ѓорче Петров, најпрво треба да се донесе ДУП за опфатот Северозапад 14, за да се оформи парцелата и да се утврди нејзината намена, пренесува Слободен печат.

Полицијата се иссели од стариот објект уште пред повеќе од една година. Во дел од новата станица се всели и Противпожарната бригада од Ѓорче Петров. Двата објекти во моментов се празни. Жителите што живеат во близина на старата полициска станица и пожарна очекуваат побрзо да се реши нивната намена, особено се надеваат дека надлежните ќе ја урнат старата пожарникарска станица која е сосема руинирана и претставува опасност за минувачите.

Од Министерството за внатрешни работи објаснуваат дека со Деталниот урбанистички план на таа градежна парцела е предвидено детско игралиште и паркиралиште.

– Бидејќи МВР доби ослободување од комуналии за новата полициска станица, старата станица е отстапена на општина Ѓорче Петров. Во моментов во старата полициска станица има само архивирани документи, кои ќе бидат пренесени во новата полициска станица, по што општина Ѓорче Петров ќе може да пристапи кон рушење на објектот – велат од МВР. Во однос на старата зграда на ППЗ, според нив, предвидено е проширување на улицата и оформување на булеварот „Македонска војска“, при што ќе се урива стариот објект.

Од Општина Ѓорче Петров потврдуваат дека по дислоцирањето на службата на МВР во новата полициска зграда, општината ги презела надлежностите врз имотот и објектот на старата полициска станица.

– Во моментов не може да се преземаат никакви градежни дејствија како што е предвидено, затоа што Министерството за внатрешни работи сè уште го нема расчистено просторот и ги нема отстрането материјалите што се наоѓаат во бараките, а се во нивна сопственост. Во планот и програмата на општината се предвидува старите бараки да се урнат и на тоа место да се изгради монтажен паркинг (приземје и кат) од отворен тип. Но, пред да се почне со уривање и со изградба, прво треба да се донесе ДУП-от за планот Северозапад 14, за да се оформи парцелата и да се утврди нејзината намена – објаснуваат од Општината.