Во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Слично е и кај амбулантните возила кои ги имаме 263, просечно стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“.
Ова се резултатите од најновите истражувања и бази на податоци на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјава, објавени од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Резултатите од истражувањето покажале дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
Спротивно, најдобро стои Ресен со дури шест пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Инаку, 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.
Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години.
- Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Следно, со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна едница. Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години, наведуваат од ЦГК.
Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица. Анализата покажала дека следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар. Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години, а следни се 28 Лади Нива, просечно стари 23 години.