На локација предвидена за јавен паркинг во Центар се гради објект, надлежните не реагираат

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ алармираат дека на една од парцелите на која надлежните во урбанистичкиот план предвиделе да биде јавен паркинг се подигнува објект. 

-Додека урбанистите ги изложуваа новите урбанистички планови за Калето, Парк 2 и Француски гробишта, на една од парцелите на која тие во планот предвиделе да биде јавен паркинг се подигнува објект. Жители на улицата Самоилова постојано известуваат дека и покрај тоа што е пријавено во Општина Центар и инспекциските служби активностите не запираат и објектот секој ден расте, велат од „Шанса за Центар“. 

Шанса за Центар исто така ги препрати нивните наоди и фотографии до надлежните служби, но велат дека, како и вообичаено, нема никаков одговор.

-Неуспехот во спречување на нелегалното градење ги обезвреднува сите обиди за квалитетно планирање на просторот и спроведување на законите пред кои сите граѓани треба да се еднакви. Неспроведувањето на законите сигурно не нѐ води кон правна држава туку кон правилата на џунглата во која царуваат најсилните и оние со најмногу врски и моќ, констатираа од иницијативата од каде има и советници во Општина Центар.