На кои површини може да преживее омикрон и по неколку часа?

Сојот омикрон успева да преживее подолго на човечка кожа и на пластични површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот, открија јапонските истражувачи преку лабораториски тестови.

Токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“, односно високата зараза и екстремната издржливост, му овозможи на омикронот да ја замени делтата како доминантна варијанта и да се шири со таква брзина, заклучија јапонските научници.

На пластичните површини, просечното време на преживување на оригиналниот вид коронавирус беше 56 часа, алфа сојот 191,3 часа, бета сојот 156,6 часа, гама 59,3 часа и делта 114,0 часа. Јапонските истражувачи открија дека омикронот останува на пластични површини околу 193,5 часа, а резултатите, кои допрва треба да поминат рецензија, беа објавени на веб-страницата „bioRxiv“.

На примероците на кожата, просечното време на преживување на коронавирусот беше 8,6 часа за оригиналниот сој, 19,6 часа за алфа сојот, 19,1 часа за бета, 11,0 часа за гама сојот, 16,8 часа за делта и повторно најмногу – 21,1 часови за омикрон.

Сепак, сите соеви на коронавирус беа целосно деактивирани од човечка кожа по 15 секунди изложеност на средства за дезинфекција на раце на база на алкохол.

„Затоа, сè уште се препорачува како дел од сегашната контрола на инфекции, практиката на хигиена на рацете да се продолжи со средства за дезинфекција на база на алкохол, но и со сапун, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација“, велат истражувачите.