На кафенце во Пелистер или Метропол? (фото)

Ритуалот на пиење кафе во локалните кафулиња и кафеани на скопјани датира уште од дамнешно време. Луѓе седнати во кафулињата уште од утринските часови со филџан кафе и весник или пак на трач парија со пријателите, оваа слика не е многу променета и денеска.

Најомилена забава на скопјани била посетата на скопските кафеани. Бројот на јавните локали, кафеани, подруми и бифеа во Скопје во 1924 год. изнесувал 300.

Оваа бројка укажува на големата заинтересираност на граѓаните за посета на кафеаните и кафулињата. Типот на угостителските објекти бил многу разновиден – кафеани, подруми, пивници, барови, бифеа, крчми, меани и други.

Денес додека сите „нормални“ луѓе пијат кафе наутро, во Скопје се пие најмногу попладне. Покрај тоа што тој период од денот се смета за време во кое луѓето се на работа, веќе по 12 часот култните кафулиња и локали во градот се преплавени од гости.