На кафе во двор или на балкон ако го имаш: Куќа во Радишани или стан во Аеродром?

Како најголема предност на живеењето во куќа секогаш се споменува поголемиот комфор и секако дворот во кој може да уживате во слободното време. Дистанцирани сте од соседите и имате подобра можност да чувате миленичиња. Ако имате деца, можете слободно да ги пуштите да играат во двор. Слободно можете да си викнете гости и да не се грижите толку околу вревата.

Освен тоа, куќата секогаш можете да ја уредувате како сакате. Но, од друга страна, маните на живеењето во куќа е тоа што повлекува многу трошоци. Плацевите и комуналиите се скапи, а и самото градење ќе ве чини многу, од аспект на градежен материјал, план и дозвола, работници и сите тие работи. Доколку пак веќе имате изградено куќа, секако постојат трошоци околу нејзино одржување.

Во станот комфорот е многу помал, немате двор, а освен тоа особено во летниот период од годината, можете да насетите кој сосед што прави за ручек, бидејќи сите готват на тераса. Ако сте од оние кои живеат во постарите згради каде лифтот најчесто на работи, и ако сте на повисок кат, ќе треба секој ден да качувате и симнувате безброј скали. Ѕидовите во зградите баш и немаат звучна изолација, па приморани сте да ги слушате соседите - нивните веселби, караници... Освен тоа, невниманието на соседите, може да предизвика штета и во вашиот стан - во случај не дај Боже да дојде до поплава, пожар и слично.
Но, предност е тоа што за одржувањето на станот има многу помали трошоци и немате обврски да речеме да реновирате фасада, кров, да го уредувате дворот...

-Живеам во куќа, не би се преселила во стан. Имаме доволно голем и убаво уреден двор. Немаме насадено овошки, но имаме украсни дрвја и цвеќиња кои му даваат убав изглед на дворот. Секако, дворот треба да се одржува, постојано да се чисти, да се наводнуваат растенијата, да се средува тревата и слично, но за нас тоа повеќе е релаксација отколку некоја тешка обврска, вели Мира од Радишани.

-Не можам да се замислам во стан. Кога ќе отидам некаде на гости кај луѓе што живеат во стан, ми се чини воздух немам. Мене ми е незаменлива идилата во куќа. Сакам да седнам во двор, на трева, да ја пуштам прскалката, да ме потфаќа по малку и да ме лади. Е, сега интима има исто колку и во стан. Се тоа зависи од комшиите. Кај мене кога момчето ќе ми дојде на гости, една комшика цело време се вртка околу двор за да види што правиме, вели Тања од Ѓорче.

Јас живеам во стан и многу ми е убаво! Не сакам куќа бидејќи си влече многу обврски, потребно е многу грижа, станчето е супер. Чстиш средуваш во еден ден, вели Тони од Аеродром.