На кафе со Војче Петрушев

Музичар кој со своите виртуозни интерпретации на хармоника ја негува и надоградува традиционалната македонска музика.

Како го започнуваш денот? Дали имаш некои утрински ритуали?

Поради природата на мојата работа, најчесто ноќите за мене се работни, па затоа будењето наутро ми претставува мал проблем. Секогаш гледам да го започнам денот здраво, подготвувајќи си смуди од сезонски овошја, подготвувајќи се за претстојните обврски во текот на денот.

Со каква музика го започнуваш денот?

Поради тоа што работам во Ансамблот за народни игри и песни ТАНЕЦ, денот започнува со традиционална македонска музика и ора кои се вежбаат секојдневно за сите идни настапи кои следат во државата и пошироко. Потоа следуваат проби со групата Маестро, а исто така и слободното време ми е исполнето со музика. Така што, мојот ден започнува и завршува со музика.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Градски метеж.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Скопје е убаво во секое годишно време, меѓутоа може да ја издвојам пролетта заради прошетките во Градскиот парк кои во тоа време нудат прекрасни пејзажи, мирисот на липите, природата која во тој период од годината е посебна.

Викендите во Скопје се посебни затоа што..

Иако за поголемиот дел од луѓето викендите означуваат одмор, за мене викендите се секогаш работни и ми се посебни, затоа што секоја свадбена прослава е весела и навистина уживам во мојата работа.

Скопје во само три зборови…

Позитивна енергија, љубов, динамика.

Какви ангажмани те очекуваат оваа есен? Дали може да очекуваме нови авторски дела?

Секако, во музиката мора постојано да се работи и да се снима. Заедно со група Маестро подготвуваме нов видео запис, како и музички сплет кој ќе биде наскоро објавен на нашиот YouTube канал.