На кафе со Владимир Нелоски

Владимир Нелоски е млад човек кој активно се занимава со политика.  Тој долг период беше Претседател на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, а сега е член на извршниот комитет и еден од најблиските соработници на Христијан Мицковски.  Помладите скопјани го знаат од фудбалските терени како поранешен фудбалер на Вардар.

Денешното кафе го пиеме со човекот кој успешно ги спојува спортот и политиката, идолот на многу млади и амбициозни ликови кои политиката ја гледаат како професија и хоби.

Како изгледа едно утро на Владимир Нелоски?

Ако имам среќа и мојот син Јован е станат најпрво имаме мала дружба со него а потоа ми започнува работниот ден, додека пак викенд утрата ги користам за искачување на Водно и поминување време со најблиските.

Првото кафе го пијам...

Во работна недела најчесто сам, пред почеток на обврските на работното место, додека пак во викендите со најблиските пријатели и семејството во некој од скопските кафетерии каде што има добро еспресо.

Омилени скопски локации за прошетка?

Градски парк и патеката по видиковецот на пензионерската стаза накај врвот на Водно - места каде што иако си блиску до центарот на градот сепак се чуствуваш далеку од зуењето на градскиот метеж.

На Скопје му недостасува..

ЧИСТ ВОЗДУХ! И покрај тоа што  има и други работи кои му фалат на Скопје,сепак во овој момент и те како му недостига чист воздух, проблем кој години наназад е присутен а никако да се намали па камоли да се реши.

Скопје во само три збора...

Мојот роден град!

Има ли Скопје дух и шарм?

Скопје на свој начин нуди нешто што ниеден друг град во светот го нема, а тоа е дух кој знае  да те “извади од патики” но и да ти понуди спокој кога ти е потребен.

Во минатото спортист, денес политичар.  Кој муабет повеќе оди со кафе: спорт или политика?

Се разбира дека спортските муабети повеќе одат за кафе дружба, присетете се само на јуни месец градот дишеше за ракометот и РК Вардар, според мене тогаш Скопје е најубаво, но за жал се повеќе маубетите на кафе се поврзани за политика и тешкото секојдневие на граѓаните,се надевам дека ќе дојде време каде што спортот и културата повторно ќе бидат тема број еден за скопјани.

Се наближуваат парламентарните избори. Вие сте дел од раководството на најголемата политичка партија во Македонија. Кои се тековните активности на Владимир Нелоски и ВМРО ДПМНЕ?

ВМРО ДПМНЕ тргна со кампањата “Обнова на Македонија” активност со која секојдневно сме во контакт со млади, но и повозрасни луѓе се со цел да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат. Со обновата на Македонија ќе започне враќањето на довербата во државниот систем и враќање на вербата кај луѓето дека во Македонија може повторно убаво и нормално да се живее.