На кафе со Тања Брковска

Лајфкоуч и автор

Како изгледа едно утро на Тања Брковска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Јас сум утрински тип. Најубавиот дел од денот за мене е утрото. Се разбира дека имам ритуали, еден час само за мене, за телото – цеден сок и истегнување, за умот - медитација, за мојата душа – разговор со ликот во огледалото.

Кога сме “сите три“ подготвени – денот може да започне. 

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Предизвик - да одговорам на  сите ситуации кои ќе ме дочекаат штом го поминам прагот, а да останам ведра и расположена J

На Скопје му недостасува…

Вербата од сите нас, дека тоа може повторно да биде ГРАДОТ УБАВ.

Скопје во само три збора…

Детство, дом, магла.

Тања, кога и како започнува твојата лајфкоуч приказна?

Започна кога видов дека се вртам во круг и немам никакви резултати од  долгогодишното читање на книги од популарната психологија. Во 2010 год. почнав со личен тренер да работам на потрагата по моето ЗОШТО. Кога во 2012 го најдов, веднаш се запишав во ROCK Academy со седиште во Белгија, а потоа станав и Dream Builder Success Coach кај менторката Сњежана Ристич во Словенија по лиценциран програм на Mary Morrissey. До сега ги имам тие два сертификата за животен и бизнис тренер но и натаму се надоградувам и следам обуки.

Покрај овие сертификати, моите личните резултати и моето животно искуство беа клучни да донесам одлука  да почнам да  работам со клиенти кон крајот на 2017 год. Верував дека штом успеав јас да постигнам чувство на мир и среќа, може секој, јас сум тука само малку да му помогнам.

Како скопјани реагираат на твоето занимање? Кој најчесто приоѓа за менторство?

Искрено, сè уште има благ отпор кон ова занимање, но моето мислење е дека тоа е така од причина што не се доволно информирани. Самиот факт дека лајфкоуч е некој кој не дава совети туку ви помага да ги најдете одговорите во себе само со поставување на прашања,  малку ги збунува луѓето но уште на првиот тренинг кога самите ќе дојдат до одговорот почнуваат да чувствуваат задоволство.

Најчесто клиенти ми се оние кои се двоумат при донесување на некаква одлука, на пр: избор на професија, а има само 18 години; оние кои имаат поставено накаква цел и им треба помош да ги најдат чекорите како да стасаат до таму; оние кои не можат да одлучат што сакаат па заеднички го поминуваме процесот за да откријат.

Со еден збор сите оние кои имаат потреба од помош за да ги откријат, обликуваат и остварат своите цели.

Кој е советот кој им го давате на луѓето со кои работите, а е поврзан со пандемијата Covid 19? Како полесно да се носиме со сите промени кои настанаа изминатата година?

Изминатата година беше преполна со предизвици, секој од нас ја доживеа поинаку. Советот беше да внимаваат колку што можат повеќе и да се придржуваат на препораките на Владата, но, да не се грижат за нешто што можеби нема ни да се случи. Голем  е процентот на тие кои не заболеа од Ковид, а претераната грижа да не им се случи ги одведе во други крајности, панични напади, анксиозност, депресија. Затоа ќе повторам, за Ковид како и за се друго ќе се грижите кога ќе дојде – ако дојде, грижата за нешто што можеби нема ни да се случи може да биде поопасна.

Со било која промена можеме да се носиме, само ако ја прифатиме.

Неодамна е претставен и твојот мотивациски прирачник “ За сечие дете”. За кого е наменето ова дело, кој треба задолжително да го има во својата библиотека?

Насловот е ставен со цел веднаш да нè поттикне на размислување... за сечие дете...

Дали сте вие нечие дете? Дали се вашите родители нечии деца? Дали сме сите ние всушност нечии деца? Прирачникот е буквално за сите оние кои трагаат по себе, кои сакаат да го пронајдат своето автентично јас.  Сите оние кои барем еднаш се запрашале кој сум јас, за сите кои барем еднаш посакале да го откријат своето ЗОШТО во смислата на постоењето.

Кои се твоите следни работни предизвици?

Ги има повеќе, покрај мојата посветеност на клиентите со кои имам тренинзи еден на еден, подготвувам и програми кои ќе се работат во групи и ќе бидат на многу интересни и секојдневни теми. Еден од нив е и програмот за сите оние кои  не престануваат да се грижат, како да го надминат тоа.

Најголемиот предизвик во моментов ми е проектот кој го подготвувам за сите оние кои треба да одлучат за својата професија. За сите оние кои имаат над 18.

Проектот во основа има една иновативна алатка која може да ни ги открие нашите афинитети и да ни помогне да работиме природно, а не напорно.

Овој проект ќе го понудам и во Министерството за образование и доколку ја согледаат неговата вистинска вредност и ми дозволат под нивно покровителство да го спроведам во сите средни училишта, верувам дека ќе им се олесни одлуката на многу средношколци, каде понатаму.

Проектот ќе биде спроведуван и индивидуално и по компании, секаде каде ќе има интерес.