На кафе со Соња Бошева, Раководител на Одделот за поддршка на клиенти во Еуролинк осигурување

Која е Соња Бошева?

Ведра и насмеана според пријателите и колегите, секогаш подготвена да помогнам на најблиските. Мајка сум на две деца, ја сакам природата  и уживам во пешачење и убава книга по напорен ден.

Дел сум од тимот во одделот за поддршка на клиенти во Еуролинк познат како Еуролинк 24, а пред една година станав и раководител на овој тим. Според мене клучно е тимот да се развива и затоа се вложувам во создавање пријатна атмосфера за моите колешки и за сите нас во Еуролинк.

Работата во Еуролинк 24 се одвива телефонски и нашата обврска и одговорност е да ја стекнеме довербата на клиентот и навреме да одговориме на барањата на клиентите.

Колку е тешко да се води тим?

Од моментот кога станав раководител од мене се бараше да почнам да се фокусирам на организација на одделот повеќе отколку на оперативните задачи. Се трудам да сум од помош и да бидам поддршка на моите колешки, сакам во мене да гледаат пријател пред сѐ, а потоа раководител.

Во одделот имаме тимска енергија, заеднички ги поставуваме целите и заеднички се трудиме да ги оствариме. Кога колегите ќе видат дека искрено се вклучувате во активностите, тогаш се мотивирани и самите да дадат повеќе.

Секој однос кој се базира на меѓусебната почит и соработка без исклучот резултира во успех и задоволство од работата.

Вие работите 24/ 7.  Зошто е тоа важно кон вашите клиенти?

Мотив за формирање на овој оддел во 2009 година беше токму поддршката кон клиентите и надвор од работното време, бидејќи незгодите и немилите настани се случуваат во секое време. Затоа сме ние тука, да им влееме доверба и поддршка 24 часа на ден, секој ден во неделата.

За што се јавуваат клиените?

Клиентите се јавуваат за најразлични работи. За обнова на полиса, за пријавување на штета, да се информираат во врска за долг доколку веќе имаат полиса купена преку нашата компанија а ја плаќаат на рати.

Често се јавуваат за купување на полиса преку нашата веб страна и бараат од нас да им објасниме како тоа да го направат. Се јавуваат клиенти од странство, понекогаш доколку нашиот клиент има некоја незгода се јавува и од болница каде што е примен. Се јавуваат за да пријавуваат настаната штета, пожар, поплава, кражба во нивниот дом или објект или доколку дојде до сообраќајна незгода.

Интересна случка од ноќната смена...

Ноќната смена е непредвидлива. Понекогаш поминува со еден или ниеден повик, а понекогаш знае и да ни ја исполни цела ноќ. Да, ноќната работа понекогаш носи интересни моменти, но најчесто клиентите се јавуваат да пријават незгоди како поплави и кражби.

Една случка која ми остана во сеќавање после многу години е онаа која се случи кога бев на ноќна смена на Божиќ. Константно добивав повици од бабичка која ми пријавуваше дека тече вода од станот над неа. Ја пријавив штетата и и дадов совет да се јави во Топлификација и Водовод. Ми се јави  повторно да ми каже дека од таму никој не и се јавувал и само нашиот центар за грижа за клиенти работел. Сфатив дека се јавува за да разговара, па така ми раскажа се за неа и за нејзиното семејство. Сепак, никој не заслужува да е сам за празниците.

Колкаво е нивото на едуцираност кај вашите клиенти?

Драстично е зголемена едуцираноста на нашите клиенти во однос на тоа кога прв пат започнав да работам во Еуролинк. Воведувањето на електронските полиси и достапноста на информациите на веб-страната на Еуролинк им овозможи на клиентите полесен пристап до информации за продуктите и за сите новини за заштита и превенција. Свеста расте и поради сѐ поголемата доеверба на клиентите во осигурување, веќе голем број имале искуство во кое што осигурувањето им помогнало.

Вашиот најпродаван продукт е Доми комплет, што најмногу ги интересира граѓаните кога бараат полиса за осигурување на домот?

Доми комплет е најпродаван продукт поради тоа што нуди целосна заштита на вашиот дом, станбениот објект, предметите во него, членовите на семејството како и заштита на соседите.

Прашања за соседите се всушност и најчести од клиентите, се интересираат како би се покриле штетите што од нивниот дом би се пренеле кај соседот. Прашањата се секогаш произлезени од искуствата од секојдневието и кога домот е во прашање сите сакаме да имаме најдобро решение и заштита за највредните нешта во животот.