На кафе со Снеже Велков

Една од најпознатите македонски водителки, фитнес инструктор, страствен љубител на вежбањето.

Снеже, имаш утрински ритуал кој е за поздравување, секоја чест за упорноста и посветеноста, твоето утринско вежбање е инспирација за многумина. Од кога си активно посветена на спортот? Колку време твоето утро започнува со физичка активност?

Прво да кажам благодарам и почестена сум што преку мојот пример луѓето наоѓаат инспирација и мотивација да се активираат и да спортуваат.

Се вљубив прво во аеробикот кога бев некои 17 години па од тогаш поминав неколку спортски дисциплини за да пред некои 13 години го откријам пилатесот и од тогаш сум навлечена на него.А ќе заклучам дека 22 години си имаме „врска за озбилно„ со спортот.

Инаку од секогаш сум утрински тип и сум од оние кои само што стануваат веднаш имаат муабет за правење, идеи за разменување, меилови за пишување, вежби за тренирање...Што на пати делува поприлично заморно за околинатаJ

Инаку почнав со утринските тренинзи од причина што мојот турбулентен ден како мајка и вработена жена бараше исполнување еден куп обврски без да имам време за себе. Значи морав да го создадам. Па така падна изборот на рано наутро кога сите спијат, кога тркалото не на денот не почнало да врти кога е доволно тивко да си ги слушнам мислите, а мускулите доволно успани да не сфатат дека ги тормозам да трошат калории...И така од 6 часот наутро до 8 јас си имам сопствено време за полнење енергија, за размислување и пиење кафе во тишина...После такво убаво утро, во текот на денот „Мува не ме лази„. 

И сево ова е доволна потврда на оваа народната: По утрото денот се познава.

Која е твојата омилена скопска дестинација за вежбање?

Платото пред Македонската Опера и Балет. Тоа е една совршена комбинација на отворен простор каде секогаш дувка ветренце, каде има огледални стакла за фотографирање и одважни скулптури како публика за гледање.Има и клупи за одмарања, но и скали за трчање.

Не ретко и пред 7 часот го возиш твојот велосипед по скопските улици. Како изгледа Скопје рано наутро?

Скопје рано наутро е магично. И тоа е вистинското Скопје. Тогаш можете да го слушнете како дише како пулсира, можете да ги намирисате липите свежо искосената трева или наесен да го слушнете шумолењето на лисјата под тркалата од велосипедот. Можете да се чувствувате привилегирано додека комуналните работници ви го расчистуваат патот баш пред вас за да поминете, да бидете сами на раскрсница на Партизанска, или со мерак први да си дојдете пред Влада и да си извежбате.

На раат да си „направите муабет“ со Гоце и Даме на Плоштад да си направите тренинг во Жена парк или да му се радувате на сонцето дур возите покрај Кејот во Аеродром уживајки во тишината.

А уживам и да ги истражувам ѕидовите со графити на #љубовноскопје-понекогаш само една таква порака е доволна за да ви се разведри денот...На пример еве го најскопскиот графит од #љубовноскопје :Душо се е загадено, дај ми воздух уста на устаJ

 На Скопје му недостасува...

Љубов. Кога мислам на љубов мислам на луѓе кои вистински го сакаат и почитуваат Скопје- како главен град, како град во кој се наоѓаат најзначајните институции, како град во кои се наоѓаат најголемите спортски и културни објекти. На Скопје му фали поголемо внимание. Како ранет град  чие повторно архитектонско воздигнување по земјотресот заслужува длабок поклон и поубаво урбано планирање...Скопје заслужува почит од сите кои го посетуваат краткорочно или оние кои остануваат долгорочно. Да ја почитуваат и чуваат хигиената во градот, зеленилото, водата, воздухот...Зошто колку му даваме толку ни се враќа. Скопје заслужува да биде сакано и чувано.

Со која песна би го опишала Скопје?

Ти си песна што ќе трае...долго долго после нас...Верица Ристевска..

На социјалните мрежи ги повикуваш твоите следбеници да блескаат и да се активираат физички.  Има ли сериозни вежбачи?

Блескај не за да ги засениш другите туку да ги натераш да блескаат заедно со тебе- тоа е моето мото...А во однос на тоа дали ги има вежбачите? Почестена сум со секоја добиена порака дека некого сум мотивирала да почне да вежба, дека некому сум му дала мотивација за убав ден дека некој  почнал  да вози велосипед, да се врати во теретана или да почне да искачува планини. Ги има и сериозни и аматери и почетници и далеку по професионални вежбачи од мене. И драго ми е што сум во така убаво друштво и им благодарам на сите луѓе кои ме следат и кои во мојот инстаграм профил откриле пример за нешто добро...

Дали е изводливо да се биде физички активен секојдневно во услови на глобална пандемија?  Колку и дали Covid-19 влијаеше врз начинот на живот и реализирањето на дневните обврски?

Всушност оваа ситуација која не снајде ни покажа дека секое едно место може да се претвори во простор за тренинг. А моите вежбања низ различни локации во градов всушност се потврда на тоа. За вежбањето постои само едно правило: Кој сака наоѓа начин, кој не сака да вежба наоѓа изговор!

Јас возам велосипед и на 1 степен целзиусов, вежбам и во 6 наутро, вежбам и кога сум дома и кога сум на викенд и кога е празно и кога е полно Скопје, и кога ме мрзи и кога ми се спие. Инаку вежбам иако имам повреда на коленото. Се е работа на избор. А денес имаме еден огромен избор на спортски активности со кои можеме да се занимаваме, има еден куп YOUTUBE видеа, онлајн тренинзи само треба да си го најдете вистинскиот спорт и да се одлучите дека сакате да почнете. Дури и пешачењето е добро за старт!

А во однос на секојдневните активности секако дека ми се сменија многу работи со  оваа ситуација почнувајки од работа од дома, школо од дома, „гости “ секој од по дома...Но не се жалам...знам дека ќе помине.

Кои се твоите следни работни предизвици? Дали во новата година ќе те гледаме повторно на ТВ екраните?

Ги имам неколку на ум, неколку на хартија, неколку онлајн...Се реализираат по приоритет така што ветувам дека и во 2021 ќе се држам до мојот хаштаг #БЛЕСКАЈ.