На кафе со Сања Стојковска

Радио водител во Сити радио и познат зумба инструктор

Како изгледа едно утро на Сања Стојковска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Во принцип секое утро ми е различно, бидејќи не сакам рутини. Ама, кафе, музика и медитација ми се составен дел од секое утро.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Во последно време, моето скопско утро е сообраќајниот метеж, пуштено Сити радио во автомобил за да го слушам Викса и да знам уште колку време имам за да стигнам за вестите во 08:00 хахаха.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Скопје е секогаш убаво, ама да не бидам клише со одговорот ќе кажам – пролет. Зелено е, сончево, сино небо – не е многу топло, а ниту пак ладно. Некако, тогаш ми е совршено.

Омилена скопска викенд дестинација?

Ако треба да одберам една – нека е Водно, во било кое време од денот. Си има некоја своја магија и убавина. Викенд, кога имам време, сакам да се качам до горе – да дишам чист воздух и да молчам.

На Скопје му недостасува…

Уфф, важам за човек што истовремено го сака, ама и го критикува својот град. Му недостасува добра журка (зборувам пред настанатава ситуација), повеќе зеленило и малку reality check. Зaбрзавме некаде не знаејќи каде, мислам дека ни е потребно малку да се ставиме во лер. :)

Скопје во само три зборови…

Рекорд, љубов и Сити радио.

Како започна твојата кариера во City радио?

Е, тоа е интересна приказна. Своевремено имаше аудиции за нови водители во Сити радио, Викса сосема случајно ми спомна за аудициите, дури и ме навлече на целата приказна. Да ме прашаше некој тогаш, најверојатно не ни сонував дека некогаш ќе работам на радио. Кога дојдов на аудиција и откако ми кажаа дека имам радиофоничен глас, прифатив да почнам да работам за да научам – секако бидејќи не бев едуцирана за таква професија. Следствено потоа седев по 12 часа во радио, ги слушав сите емисии и ги снимав сите вести, топ листи, џинглови, па почнав и реклами да учам како се снимаат. Во еден момент, се што можете да слушнете на Сити, сето тоа го работев – се со цел еве 8ипол години подоцна да го знам радиото како дише. :)

Сања ти си и Зумба инструктор,  зошто баш Зумба? Кога забележа дека имаш талент за танцување?

Откако знам на себе сум “навлечена на музика”. Од мои 8 години до 16 – пеев во хоровите на Запро Запров. Подоцна почнав да танцувам во група со уште многу девојки. Кога се појави зумбата кај нас – првиот час ми беше откритиe. Замисли – можам да вежбам, истовремено да танцувам и да бидат тоа кореографии. Па совршено! А, важам за темпераметен човек – што значи дека тотално се пронајдов уште од самиот старт.

Колку калории се трошат на еден Зумба час?

Секоја физичка активност може да те донесе до трошење калории. Вистинската приказна е дека – колку ти ќе се потрудиш толку и ќе истрошиш. Затоа никогаш не ветувам колку килограми ќе ослабете за еден месец или колку калории ќе потрошите. Се е до тоа колку ќе се потруди вежбачот – а, секако многу важен е и инструкторот.

Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување? Како ги поминуваше деновите во карантин?

Морам да признаам дека на почетокот добро ми дојде. Застанав малку, седнав, издишав, она истото што го кажав – ни треба малку лер, епа ова беше некако – приморан лер. На кратко, се изначитав книги, работев од дома, секако и радиото не застана ниту во еден момент. Изнагледав се што можеше да се види на Нетфликс, ххахахах, па дури и се изненадив од моите кулинарски способности. Вежбавме со девојките онлајн, не застанаа ниту часовите. Некако, се научив дека се што правев во движење – можам и од дома. Па дури и се вратив малку на мојата стара пасија – пишувањето. Се на се, со добар распоред имав време и за малку подлабоко размислување, што најверојатно во целото брзање во нормалното секојдневие немаше да се случи така детално.