На кафе со Сандра Кирков

Македонска стјуардеса во Fly Emirates. Скопјанка која љубовта кон патувањата на многу успешен начин преку својот објектив ги пренесува на социјалната мрежа Instagram.

Како изгледа едно утро на дама чија професија е стјуардеса? Дали имаш некои посебни ритуали?

Низ овие 7 години што ги поминав како стјуардеса секое утро беше различно. Минимум 4 аларми, голема шоља кафе, спремна униформа и брзински туш. Некогаш се враќав од лет во 7 сабајле, дома бев во 9, па го преспивав цел ден во зависност од кој континент доаѓам. Кога имав 23 слободни денови се трудев да станувам порано за да не го пропуштам денот, бидеќи знаеше да се случи да дојдам на пример од Австралија во 9 сабајле и да станам во 9 навечер. Секогаш турбо, со планер во рака и на телефон за да ги постигнам сите работни и приватни обврски.

На твојот инстаграм профил редовно споделуваш фотографии од твоите патувања низ целиот свет. Постои ли град во светот во кој би сакала да живееш во иднина? Кое место ти оставило најголем впечаток?

Патувањето е моето најголемо уживање. Кога би била во можност би патувала барем 34 пати годишно, се разбира со фамилијата и другарките. Живеев 4 години во Хрватска и 7 во Дубаи. Но повторно за живот во друг град би размислила. Само што се вратив во Скопје и мислам дека ќе останам тука, бар за сега. Дома си е дома 

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Мир, спокој и  мирис на кафе во мојот дом. Без авиони, без трчанки, без пакување и распакување 2 пати дневно, едноставно уживам секое сабајле, знам дека сум во Скопје.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Периодот пред Нова Година.

На Скопје му недостасува…

Чист воздух и насмеани луѓе.

Скопје во само три зборови…

Дебар Маало, Кеј, Чаршија ..

Во моментов на Инстаграм имаш повеќе од 12.000 следбеници што воопшто не е мала бројка. Дали постои рецепт за успех на оваа социјална мрежа?

Добра фотка и упорност. Тука нема филозофија, се е некој вид на дружба на оваа социјална мрежа, додека си интересен и иновативен ќе те пратат.

Кои се твоите следни работни ангажмани, какви проекти и патувања те очекуваат оваа есен?

Само што се вратив од Египет каде што си поминав фантастично, доколку не сте биле ви препорачувам да одвоите едно лето, обично мај или септември поради високите температури и да уживате. За оваа есен планирам уште 2 патувања но не би ги открила сега бидејќи не се потврдени, но секако се ќе биде споделено на Инстаграм.