На кафе со Роберт Стојовски

Специјалист Пластичен и Реконструктивен Хирург

Како изгледа едно утро на доктор Роберт Стојовски?

Будење околу 08.00 часот наутро, цеден сок, кафе и утрински тренинг бидејќи околу 09.30 ми почнува работниот ден.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Нервозни возачи кои мислат дека ако свират побрзо ќе стигнат на работа.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Крајот на летото и почетокот на есента, кога се уште има сонце, а не е многу топло.

Омилена скопска викенд дестинација?

Водно.

На Скопје му недостасува…

Забавен парк, чист воздух и повеќе патеки за велосипеди.

Скопје во само три зборови…

Љубов, друштво и радост.

Доктор Стојовски од каде страста кон пластичната и реконструктивна хирургија?

За време на студентските денови кога имавме пракса на хируршките клиники, најмногу се пронајдов на оваа клиника.

Kои се најпопуларните третмани, зафати, интервенции кои ги бараат скопјани?

Од нехируршките третмани тоа се филери, ботокс, ПРП-третман, дермални пилинзи…а од хируршките корекција на клемпави уши, корекција на очни капаци, абдоминопластика, зголемување на гради...

Како е да се работи во областа на пластичната и реконструктивна хирургија во услови на глобална пандемија? Дали беше тешко да се прилагоди работата на новонастаната ситуација?

Не беше тешко да се прилагодиме, но мора да се пожалиме дека се работи со намален интензитет.

Како ги поминувавте карантинските денови? Дали и колку COVID-19 влијаше врз вашето секојдневно функционирање?

Карантинските денови ги поминав во фамилијарно опкружување, позитивното е дека имав повеќе време за фамилијата, но сепак работата ми недостигаше.

Кој е предизвикот кон кој ја насочувате вашата кариера во иднина?

Да се надградувам во полето на естетиката и да ги следам светските трендови.