На кафе со Никола Мишковски

Шеф на кујна во винарија „Камник“, познат и како шеф Никола од кулинарското шоу „Брза кујна“.

Како изгледа едно утро на Никола Мишковски? Дали имаш некои утрински ритуали?

Како и скоро поголемиот дел од луѓето едно утро не го започнувам без добра шоља кафе и чаша свежо цеден сок или пак парче овошје. Но пред нивна консумација секогаш гледам да го стартувам денот со една чаша вода на празен стомак која ми помага при варењето на храната и ми го забрзува метаболизмот. То на мене навистина ми е потребно и ми помага при мојата професија на готвач и дегустатор на секое јадење кое го приготвувам.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Колку и да сакам да дадам поинаков одговор, првото нешто што ми доаѓа на ум кога излегувам од дома е сообраќајот кај нас. Дали тој ке ми претставува проблем во текот на денот при завршувањето на моите обврски. Навистина имаме лош сообраќај според мене и сите ние сме виновни за тоа. Се додека сообраќајната култура кај нас не се покрене на повисоко ниво, утрата низ Скопје за мене ќе претставува најголем предизвик и кошмар, а верувам и за останатите.

Омилен рецепт за доручек, за супер старт на денот?

Можам да набројам навистина многу здрави и вкусни оброци за почеток на секој ден, но според мене омлет со домашни органски јајца од кај мама и татоJ ми е секогаш на прво место. Секако во комбинација од свеж или конзервиран зеленчук зависно од сезоната со шоља кафе, јогурт и чаша цеден сок. Еден од оброците кој секој може да си го дозволи, па дури и оние кои темпото на утрото им е брзо и полно со обврски, секогаш може да го нарача во било кој ресторан или lunch бар со достава.

Омилена скопска дестинација?

Со мојата професија слободно време имам многу ретко, скоро и да немам. Па токму затоа најчесто го користам за прошетки на чист воздух на Водно или паркот во Гази Баба. Но понекогаш зависно до желбата на децата знаеме да поминеме едно претпладне во прошетка низ зоолошката градина која сега има многу новости или Градскиот парк.

Мирис во кујната кој те потсетува на Скопје?

Интересно прашање за некого кој е постојано опкружен со мириси на храна кои секогаш во мене будат некакви спомени. Кога треба да одвојам мирис кој ме потсетува на Скопје, на прво место би бил мирисот на печени топли костени во есен, крофнички и пуканки кои ме потсетуваат на детството од добриот стар Градски трговски центар и Плоштад. Но, не можам да го изоставам и мирисот на печени пиперки кој во мене буди топли спомени од времето кога пред зграда или во двор се подготвуваа домашните зимници.

Омилен скопски традиционален рецепт?

Доста интересно прашање особен кога станува збор за нашата традиција. Ние имаме навистина интересни традиционални рецепти насекаде низ нашата земја, но токму кај нас во Скопје не можам да одвојам посебен рецепт. Но, доколку навистина треба да одвојам се мислам помеѓу шкембе чорба или пак симит помага кои се два различни вкуса. Иако зборот симит потекнува од турско значење, не е лично наш, сепак најубавата и најдобра симит погача може да се проба токму тука. Интересно за мене е спојот помеѓу две исто но сосема различни работи по вкус кои како спој едно во едно претставуваат одлична комбинација на вкусен, хранилив и секому достапен оброк. Додека од другата страна шкембе чорбата е приказна за себе. Пред неколку години имаше повеќе локали со оној вистински традиционален рецепт на шкембе чорба. Во денешно време повеќето пробуваат да ја приготват но полека од презаситеност се губи вистинскиот шмек на шкембе чорбата. Токму поради тоа, реткост е низ угостителските објекти да се начека добра чорба, затоа пак кога и да посакам домашно приготвена секогаш ме чека на маса.

На Скопје му недостасува…

Повеќе паркови, зеленило, забавен парк... Според мене не постои совршен град кој има се во него, нормално е нешто да недостасува, доколку прашете неколку особи секој ке има поинаква желба, мислење и потреба. Но според мене токму сите оние работи што му недостасуваат па дури и оние што се сувишни го прават Скопје она што е. Можеби во денешно време му недостасува повторно да се врати духот, џагорот и смеата на луѓето од 90-тите кој се слушаше од секој агол на Скопје. Мене како љубител на ски спортот ми недостасува и една ски стаза од вештачка трева на Водно која би ми овозможила рекреација со борд во секое слободно време.

Скопје во само три зборови...

Гужва, храна и забава.

Навистина имаме премногу гужва насекаде зошто стануваме пренаселен град и на секој чекор секојдневно се појавува некоја нова зграда. Но пак од друга страна кога станува збор за гастрономијата тоа е голем плус. Имаме навистина многу работа и голем број на објекти нудат избор на разновидни оброци што може да ги дегустирате уживајќи истовремено со богатството од нашите боеми.

Шеф Никола, според тебе која храна е преценета, а која потценета кај нас?

Порано за разлика од сега луѓето знаеле да ја ценат храната според тоа како е направена и колку љубов и труд е вложено во нејзиното приготвување. За разлика од денешно време каде прво се избира онаа храна која е брза и без многу вложено труд во неа направена. На пример, доколку можете да бирате пред се би одбрале похован кашкавал со помфрит како оброк наместо онаа добро и долго приготвена компир манџа, гулаш, сарма или некое друго готвено јадење.

Какви работни предизвици те очекуваат во наредниот период?

Во нашата професија секојдневно се среќаваме со разновидни предизвици. Секоја нова желба на нашите гости е предизвик додека ја остваруваме стремејќи се од себе да го извадиме совршенството. Свесни сме дека оваа состојба предизвикана од пандемијата навистина нанесе голема штета на големиот дел од професиите и објектите па многу од нас враќањето на нормалната работа секако со големи заштитни мерки ќе претставува предизвик. Самиот стремеж да се функционира нормално со поголем број на гости, а сепак со голема претпазливост ке биде навистина тешко за нас. Воедно одамна имам голема желба, која почнува полека да се остварува, пишување на моја книга која се надевам дека за кратко време ќе биде завршена и за мене ке претставува еден предизвик помалку во мојата кариера.