На кафе со Мартин Видоевски

професионален фитнес тренер

Како изгледа едно утро на Мартин Видоевски? Дали имаш некои утрински ритуали?

Здраво на сите, се надевам Ве наоѓам во добро здравје. Моите утра се како на копир машина :) станувам во 05:20 за да можам да започнам со моите утрински персонални тренинзи во 06 часот во фитнес салата при Хотел Парк. Освен неделите кои ми се целосно фамилијарни, останатите утра започнуваат со тренинг. Со првиот персонален тренинг вежбам и јас за дополнителна мотивација на клиентите рано изутрина. Потоа продолжувам со работа се до 15 часот :)

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Скопско утро- искачување на Водно, пиење утринско кафе во Coffee Factory (Кала), возење велосипед покрај кејот на Вардар или до Средно Водно :) ах да ... доручек во Љубовна Куќичка.

Омилена локација за вежбање во Скопје?

Хотел Парк.  Ако ме прашате и за Охрид, како од пушка фитнес салата во Хотел Инекс Олгица.

Кога започна активно и професионално да се занимаваш со вежбање и да водиш здрав  животен стил?

Далечната 2000-та година... до тогаш бев елегантно пополнето (дебело) дете :)

Какви вежбачи се скопјани? Дали очекуваат резултати преку ноќ или се посветени и упорни во намерата да променат нешто кај себе?

Илјада луѓе-илјада и еден карактер. Секој си е приказна за себе. За да бидеш тренер, било каков, треба да си добар психолог, да можеш да го процениш клиентот со што се мотивира, која му е слабоста и според тоа не можам да генерализирам. Можам само да кажам дека свеста кај Скопјани се крева и се повеќе се води активен и здрав живот. Штета што кај помладите генерации тоа не оди толку лесно, брзиот начин на живот, електрониката (мобилни телефони, компјутери, видео конзоли) малку го успоруваат физичкиот развој ама се надевам и тоа ќе се смени набргу.

Дали и колку глобалната здравствена пандемија влијаеше врз твоето работење и секојдневно функционирање?

Секако дека да. Влијаеше на сите. Салите беа затворени, луѓето беа и сѐ уште се исплашени. Вежбаат ама не како што тоа беше до 12.03.2020. Полека се надевам дека ќе се вратиме во нормала.

Дали е изводливо да се биде физички активен секојдневно во услови на глобална пандемија?  Еден подолг период и салите за вежбање беа затворени, дали се прилагоди на ситуацијата, каде вежбаше?

Возможно е. Сѐ е возможно ако се има желба... одевме на Водно во мали групи од 2-3ца, вежбавме покрај кејот на Вардар, во Градскиот Парк на трим патеката. Има услови и надвор, секако ако временските услови го дозволуваат тоа.

За крај, како вежбањето да стане една убава навика, а не обврска?

За секоја активност да стане навика треба 21 ден... барем така викаат :) јас ги мотивирам моите клиенти со тоа што не знаат што ги чека на наредниот тренинг. Јас планот за секој од нив го правам однапред, но не им го кажувам и секогаш тренинзите се различни. Нема монотонија. Тоа мислам дека е клучно за рекреативците да останат активни.