На кафе со Марко Кизиќ

Најмладиот вардарец со огромен потенцијал. Момчето кое многу ветува и станува новиот миленик на навивачите на Вардар.

Како изгледа едно утро на Марко Кизиќ?

Повеќето утра ми се исполнети со обврски со факултетот и ракометот. Доколку немам обврски оставам повеќе време за спиење, се будам околу 9 часот, следи лесен доручек и ако е убав денот попладнето го користам за кафе со пријателите.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Поради тоа што се уште немам возачка дозвола го користам јавниот градски превоз, асоцијација ми е гужва во автобус.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Најубаво време за мене е пролетта, затоа што се се разубавува и се станува пораздвижено.

На Скопје му недостасува…

Скопје си има мани, но сепак е град во кој сум заљубен, а нешто што веќе станува потреба во Скопје е почист воздух.

Скопје во само три зборови…

Гужва. Водно. РК Вардар.

Досегашен омилен ракометен момент?

Не би можел да издвојам еден посебен затоа што ги имам премногу.

Неодамна ја имаше најдобрата одбрана во 6. коло од ЕХФ лигата на шампионите. Домашните но и медиумите во регионот пишуваа за Супер Кизиќ, момчето кое многу ветува и станува новиот миленик на навивачите на Вардар.

Какво е чувството да се биде дел од првиот тим на РК Вардар?

Да си дел од овој тим е навистина привилегија, затоа што тренираш со светски играчи и тренери, а имаш и можност да се докажуваш пред најдобрите навивачи на светот.