На кафе со Марк Де Јонг

Како изгледа едно утро на шеф Марк Де Јонг?

Мојот утрински ритуал е проверка на орхидеите и останатите цвеќиња во домот, додека  мојата сопруга подготвува кафе и доручек. Доручкуваме заедно и разговараме за обврските кои ги имаме во текот на денот.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Имајќи во предвид дека живееме во Сопиште, наутро уживаме во изгрејсонцето. Секој ден небото е различно обоено од сончевите зраци. Навистина тоа е убав почеток на денот, особено кога е денот е сончев, а небото ведро, ме исполнува со позитивна енергија.  Доколку имам обврски наутро во градот, е тогаш се соочувам со вистинско скопско утро и сообраќаен метеж.

Омилена скопска дестинација?

Кога ќе кажеме скопска дестинација, прво што помислуваме се Водно и Матка. Но, за мене тоа е Дебар Маало, локација каде според мене е душата на Скопје. 

Омилен скопски традиционален рецепт?

Храната во Македонија е прекрасна, а јас сум голем гурман и многу тешко е да се одлучам што ми е омилено. Но, како скопска храна мислам дека омилени ми се: бурек со јогурт, ќебапчиња (десетка со кромид и шопска салата), а сега во зимскиот период тоа е пача и салата од кисела зелка.

Кога ќе помислите на детството, која храна ја сакавте најмногу има ли некој рецепт на кој со задоволство му се враќате?

Најголем дел од детството го поминав со баба ми и дедо ми, па оттука и поврзаноста со македонската кујна, Уште се сеќавам на мирисот и вкусот на сите македонски јадења што баба ми ги приготвуваше, иако живеевме во Брисел. Тука би набројал: пржени пиперки со домати и лукче, спанаќ, боранија ....

Дали постои храна/намирница која едноставно не ја сакате и никогаш не ја подготвувате?

Како професионален готвач, јас сум спремен да работам со сите намирници и да ги задржам најдобрите вкусови. Но, би можел да кажам дека лично крап и цвекло се намирници кои за мене имаат специфичен мирис и вкус, кој што не ми е баш омилен. Но, морам да потенцирам дека имав можност да готвам преспански крап кој навистина беше многу вкусен.

Дали кај нас постои храна која е потценета?

Мислам дека тоа се: телешки џигер и јатки. Во француската кујна  овие намирници се во класа на деликатеси. Исто така, видов дека тука имаме и многу различни видови на печурки вклучувајќи и тартуфи кои се наречени “дијамант од земјата“.

Кој е вашиот најголем кошмар во кујната?

Хигиената е нешто што за мене е основно да можам да работам во еден простор. Во кујната секогаш може да се случи нешто непредвидено. Но, искуството ми овозможува да се снајдам во голем број од ситуации, и да помине без некакви последици.

Какви работни предизвици ве очекуваат во новата година? Во кој правец би сакале да се развива вашата кариера?

Искрено се надевам дека оваа година полека, полека ќе почнеме да се враќаме во нормално функционирање. Ми недостасуваат директните контакти со луѓето,  сите настани што претходно ги правев, како на пример: тематски вечери,  часови за готвење за групи од 10-12 луѓе, промотивни настани и готвење во живо на отворено...

Благодарен сум на соработката со различни фирми со кои имавме успешна реализација на проекти и во време на пандемија.  Отворен сум за соработка, за нови идеи и предизвици.