На кафе со Марија Јаневска

Писател, магистар по фармација, професионално ангажирана во Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина.

Како изгледа едно утро на Марија Јаневска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Каков ќе ми биде целиот ден зависи од тоа какво ќе ми биде утрото, па затоа утрата се трудам да ми бидат максимално организирани. Станувам прилично рано, некогаш во 5, а некогаш во 7 зависно од обврските. Утрото без црно горко кафе не ми е утро.  Бидејќи деновите ми се пренатрупани и без паузи, неопходни ми се тие неколку минути тишина со кафе в рака за да ми стартува денот онака како што јас го замислувам. А потоа, може да биде бучно колку што сака. Секое утро по кафето пуштам музика и кога ќе ги направам сите овие работи, знам дека ќе биде убав ден.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Килим од жолти лисја низ парк, турско кафе во чаршија, расцутените јапонски цреши на Максим Горки... да продолжам?

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Есен и зима. Јас сум од оние кои знаат да ги именуваат различните видови на дожд, од оние кои го сакаат и калливиот разгазен снег по скопските улици и прошетка држејќи се за рака низ густата магла.

На Скопје му недостасува...

Малку повеќе љубов без страв.

Скопје во само три збора...

Мое, хаотично, љубовно.

Твоето прво дело Белешките на Лајла Грејс, за многу краток период стана омилен роман на девојките, посебно на оние кои и покрај сите падови и болки и понатаму веруваат во љубовта. Следуваше продолжението Карма издадено во 2014 година. Дали може и кога да очекуваме ново дело од Марија Јаневска?

Можам да кажам дека сите оние што изминативе 5 години ме прашуваа постојано кога ќе има нова книга, ќе имаат прилика за неколку месеци да ја имаат во своите раце. Овој пат роман, кој ќе зборува за оние работи за кои што сите ние се плашиме да зборуваме.

Магистер си по фармација и професионално си ангажирана во Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина. На што точно работиш во лабораторијата?

Мојата работа има два дела. Работам хумана генетика (дијагностика на ретки болести/синдроми, молекуларна карактеризација на канцери, фармакогенетика, татковство) и молекуларна детекција на патогени (респираторни, гастроинтестинални, сексуално-преносливи вируси и бактерии). Практикуваме проактивна персонализирана медицина служејќи се со најновите геномски технологии во високо професионална средина. Оваа нова стратегија на практикување на медицината овозможува откривање на болестите во нивниот најран стадиум, уште пред да се појават нејзините први симптоми.

Писател и фармацевт кој работи генетика. Како функционираат тие два света, дали успеваш да направиш баланс?

Не балансирам. Се трудам да го тренирам својот фокус. Колку пофокусирана, толку побрзо и поквалитетно влегувам и излегувам од едната улога за да можам да се посветам на другата. Желбата и истрајноста тука се клучни особини. А за трпението, не сакам ни да коментирам. Потребни се челични живци и многу љубов.