На кафе со Лејла Рамковска

Лејла Рамковска јога инструктор. 

Како изгледа едно утро на Лејла Рамковска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Сакам секој ден да ми е различен, затоа избегнувам создавање на ритуали но, едно нешто што можам да издвојам е тоа што се трудам да си создадам доволно време наутро за да си го испијам првото кафе во кревет.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Многу зависи во кој период од животот си нели, кое ти е секојдневието и пак е променливо. Но мене во ова вакво чудно време, како мајка со две деца кои имаат невообичаен редослед на часови поради целовкупната ситуација…  ме асоцира сепак на спремање на децата за прв час, било тоа онлајн или со физичко присуство кое е исто така менливо, пак сето ова кога ќе се собере – утрата ме асоцираат на промени и адаптација. А сето ова ми поттикнува голема емпатија до сите мајки.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Се што е измеѓу... пролет и есен.

На Скопје му недостасува...

Старото време.

Скопје во само три зборови..

Те сакам секако.

Лејла, како започнува твоето јога патување, од каде интересот кон јогата?

Интересот започнува од желбата на самозапознавање и остварување на своите капацитети, будење  на свеста  на  увидување и прифаќање на се што не е во моја контрола. Потребата за промена и растење никогаш не доаѓа од комфорна зона.

Каква улога игра јогата во твојот живот?

Тоа што сум денес, многу подобра личност за себе и за другите, не би можела да ја врзам само за јога, но дефинитивно јога е една од алатките.

Кој е твојот совет за луѓето кои мислат дека немаат време за јога? Како можат да ја вметнат во нивниот живот и да им прерасне во убава навика?

Јогата не те ограничува со тоа колкав временски период во денот тоа треба да трае. Може тоа да биде во вид на истегнување, може да биде техника на дишење, ако имаш енергија може да биде активна винјаса... Може да биде едноставно удобно седење со исправен грб, со единствена намера- неправење ништо..  Имаш ли 5 минути време?

Која е твојата мисија како јога инструктор? Што би сакала да постигнеш?

Првичната мисија јогата да стане популарна (преку социјални мрежи)  кај нас и да без разлика од кои причини сакаш почни - почни, мислам дека си ја исполнив на начин на инспирирање. Јас не верувам дека постои лоша намера во почнување со јога. Многу е дискутабилно кој како  ја доживува и за секој поглед имам почит.  Моменталната мисија ми е да стигнам до многу македонци ширум државата и светот преку онлајн часови кои ќе бидат во ист квалитет со странските видео програми, а на македонски. На сите нас во вакви тешки времиња ни е можеби и најпотребно од се да си посветиме барем некоја минута, саат во денот/неделата за да може да останеме корисни за себе и своите блиски. Грижата почнува од себе.