На кафе со Ксенија Николова

Ксенија Николова, автор на пет дела, „Ова не се Ромео и Јулија“, „Идиотски приказни“, „Макар уште еднаш“, „Емотивен манипулатор”, „Сите мажи ја сакаат Лиа”. Успешен текстописец кој соработува со најпопуларните македонски изведувачи.

Како изгледа едно утро на Ксенија Николова? Дали имаш некои утрински ритуали?

Се разбира дека имам, ритуалите се многу важни за прогресот на еден човек, во секоја смила на зборот.  Моите ритуали се нешто коешто многу ме прави среќна. Тоа е време за мене, коешто неверојатно го почитувам, бидејќи знам колку е важно да имаме нешто коешто го правиме за себе. Станувам, пијам чаша вода со лимон или само вода, се туширам, го мијам лицето со ладна вода и продолжувам со својата рутина за нега на кожата, којашто е прилично долга, но затоа резултатите се секогаш позитивни. Сето време коешто го вложуваме во себеси, ни се враќа. Утрото е мојот омилен дел од денот и затоа секогаш сакам да го започнам како што треба.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Скопје е мојот дом, а утрата во мојот дом се секогаш убави. Не знам на што конкретно ме асоцира, но ме асоцира на нешто убаво, спокојно и полно со предизвици. Мирна сум кога се будам во Скопје и кога ме чекаат обврски и нов ден.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Во есен и во зима.

На Скопје му недостасува...

На Скопје ништо не му недостасува, но на луѓето им недостасуваат многу работи. Ќе издвојам една – дисциплина.

Скопје во само три збора...

Град со потенцијал...

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Мене оваа ситуација ме мотивираше и уште повеќе ме натера да верувам дека прилагодувањето е неверојатно важно во животот. Моите навики за работење не се изменија, иако добија поинаква форма, јас се трудам во сите околности да бидам полна со пареа за работа.

Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување?

Секој период е идеален за креативно остварување кога имаш што да кажеш, се разбира.

Кои се твоите следни работни предизвици?

Кон крајот на оваа година, ќе излезе мојот нов, шести по ред роман. Како и за секој роман, така и за овој дадов се’ што имав од себе, целата душа и енергија ја оставив во приказната. Созреав со романот, како што созреам и со секое мое дело. Животот многу ми се промени благодарени на оваа приказна, бидејќи додека ја пишував, не само што уживав, туку мислам дека станував и подобар човек.