На кафе со Ксенија Деспотоска

Модерна, позитивна, успешна, Ксенија Деспотоска е една од најпопуларните блогерки во земјава.

Како изгледа едно утро на Ксенија Деспотоска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Па искрено, секое утро ми е различно... Немам некои посебни ритуали, единствено нешто е што станувам доста рано и баш така сакам да ми започне секој ден.  Утрото ми е омилен дел од денот и гледам да уживам во него колку што можам, најчесто го користам за подготовка за обврските што ме чекаат во остатокот на денот.

Која е твојата асоцијација на прилепско, а која на скопско утро?

Дефинитивно има голема разлика.  Скопското утро ме асоцира на брзање хаха, некако додека бев таму за да стигнам се мораше да брзам и не можев толку да уживам. Додека прилепското утро е доста посмирено и порелаксирано.

Скопје или Прилеп?

 Моментално Прилеп, многу го сакав Скопје и мислев дека тоа е тоа, ама животот ќе те демантира. Од како се вратив во Прилеп ми се отворија многу нови можности и некако тука си се чувствувам своја на свое. Имам повеќе луѓе околу мене и можам повеќе да си се посветувам на својата работа.

На Скопје и Прилеп им недостасува...

Според  мене и Скопје и Прилеп си се совршени баш такви какви што си се. За недостатоци може да се најдат многу, но секогаш гледам да ги гледам само убавите работи во нив.

Скопје во само три зборови..

Брзo, големо, убаво.

Ксенија, кога сфати дека твојата љубов кон модата може да прерасне во кариера?

Па кога сфатив... Тогаш кога почнаа луѓето да ме препознаваат, да им е важно моето мислење и кога почнав да заработувам од тоа.

Која е твојата лична дефиниција за поимот да се биде креативен?

Па да се биде креативен е нешто што секој си го носи во себе, некој кој создава, некој кој има визија да прави различни и нови работи. 

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Па нормално, глобалната пандемија дефинитивно влијае на сечиј живот и ништо не е исто како што беше, но ние сме луѓе и створени сме да се прилагодуваме на се, па и на ова.  Доста нови навики и промени донесе, но за среќа позитивни морам да признаам.

Кој е твојот совет до сите кои размислуваат да градат  професионална кариера на социјалните медиуми?

На ова прашање имам одговорено неколку пати па и сега ќе го кажам истото. Сите што размислуваат да градат професионална кариера на социјалните медиуми, пред се’ би им препорачала најпрво да размислат дали навистина го сакаат ова, и дали го прават од љубов или само поради тренд, пари, слава и сл.

Доколку е второто да не почнуваат, тоа кратко ќе трае и нема да е успешно, бидејќи се познава кога не е искрено, а и ќе им здосади…

А ако е првото, тогаш, да не се плашат да почнат, затоа секоја работа која што започнала со љубов и труд, вродува плод. Можеби не веднаш, но за почеток ископајте ја нивата, засадете плод, вложете љубов, труд, работете, имајте трпение, чекајте и еден ден само ќе ги видите ливчињата кои излегуваат од земјата. Тогаш ќе знаете дека сте успеале и дека се’ што сте правеле – вредело.