На кафе со Кокан Ајановски

Повеќекратен државен шампион во трчање, основач на првата Школа за трчање во земјата, автор на “Трчањето ме учи”.

1. Како изгледа едно утро на Кокан Ајановски?

Сакам рано да станувам и да се радувам на раѓањето на денот! Тука има посебна магија која ја открив кога почнав да трчам рано наутро.

Тоа значи дека речиси секогаш се трудам денот да ми почне со трчање. Некогаш, кога имам раноутрински работни задачи, знам да станам најранo што може и по секоја цена да истрчам. Нема поубав почеток на денот од утринско трчање.

2.  Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Порано мојата асоцијација на скопското утро беше гужвата на автомобилите во сообраќајот, свирење, нервозни возачи. За среќа, тоа се промени и повеќе од една деценија асоцијација за скопското утро ми се кејот на Вардар, Градскиот парк, птиците додека трчам, изгрејсонцето и убавините на природата.

3. Омилена скопска дестинација за трчање?

Почнувам да трчам од моето маало и преку улиците стигнувам до кејот на Вардар. Тоа е мојот втор дом и мојата канцеларија. Градскиот парк исто така е редовно место каде што трчам и уживам. Понекогаш трчам и на Водно или парк шумата Гази Баба. Тоа се не само моја омилена дестинација за трчање, туку и места каде што го поминувам 80% од моето време и кога не трчам.

4. На Скопје му недостасува…

Хигиена. Култура. Спроведување на закони. Тартан патеки. Велосипедски патеки. Спортски терени. Кино сали. Базени. Паркови и зеленило. Одржување.

5. Скопје во само три зборови…

Скопје те сакам.

6. Кокан од каде пасијата кон трчањето? Што те мотивираше професионално да се занимаваш со трчање?

Мојата пасија кон трчањето настана како резултат на неможноста од колективни спортови. Така се започна и полека, но сигурно се насочував кон индивидуалните спортови.  Прво почнав редовно да вежбам во сопствената теретана, потоа да возам велосипед и на крај завршив со трчањето кое дефинитивно стана и мојата најголема љубов и пасија. Го ставам на прво место пред останатите индивидуални спортови, затоа што одзема најмалку време, најмалку финансии и може да го прилагодиме на било кои наши услови на живеење. Професионално, на македонскиначин,како што милувам да кажам, почнав да се занимавам како резултат на неостварениот сон од детството да бидам професионален спортист.

Кога на тоа ќе додадеме патувања и дружење со квалитетни луѓе, добиваме комбинација која е за цел живот!

7. Кога би имал можност да се вратиш на почетокот и да си дадеш само еден совет, што би било тоа?

Од кога научив многу лекции во животот, баш тој совет си го дадов и редовно го применувам. Подобро е да зажалиме нешто што сме направиле, во споредба со она што не сме го направиле, а сме сакале да го направиме.

8. Не е тајна дека Кокан Ајановски изминативе години е една од најголемите инспирации на многумина да ги сменат животните навики, да станат физички активни и сериозно да му се посветат на трчањето. Но според тебе, дали скопјани се доволно физички активни?

Благодарам на комплиментите! Тоа е и мојата животна мисија. Скопјани не се доволно физички активни, но ако направам споредба, пред десетина години,многу напредуваме на ова поле. За се' треба време. Скопјани се на добар пат да бидат препознатливи по активниот начин на живот, а јас ќе продолжам и понатаму со целото мое знаење и љубов да бидам пример како се прави тоа во секоја животна фаза.

9. Твоето портфолио е извонредно, достигнувањата се големи..Која е твојата следна цел?

Благодарам уште еднаш! Мојата цел и понатаму е да бидам најдобар во Македонија или меѓу најдобрите 3. Годините ми се броени за да можам и понатаму да ја остварувам оваа високо поставена цел, па затоа уште се трудам да го дадам најдоброто што го имам. Кога веќе нема да можам да бидам во врвот, ќе продолжам да ја остварувам својата животна цел - да бидам физички активен целиот мој живот.

10. За крајот, дали е изводливо да се биде физички активен секојдневно во услови на глобална пандемија?  Колку и дали Covid-19 влијаеше врз начинот на живот и реализирањето на дневните обврски?

Да се биде физички активен е можно во сите услови. Ова го тврдам најодговорно! Се' останато се изговори во кои луѓето сакаат да веруваат и полесно им е да се оправдаат дека не можат и немаат време, од колку да облечат патики и да трчаат, да возат велосипед, да се качат на планина, да пливаат, да вежбаат дома итн. За успех во спортот, како и во се' останато во животот, потребна е голема дисциплина.

Се разбира дека Covid-19 влијаеше негативно, но исто така тоа беше инспирација за многу луѓе да се променат на подобро!

Во секој од нас постојат добра и лоша страна. Која ќе ја негуваме, таа ќе победи.