На кафе со Катерина Ангеловска

Катерина Ангеловска, тренер за личен развој, мотивациски говорник, Реики мастер енергетски терапевт и автор

“Се будам секое утро со благодарност и радост дека моето срце е исполнето со љубов и разбирање” извадок од  333 Афирмации од Катерина Ангеловска

Како го започнувате денот? Со кого го пиете првото кафе?

Денот го започнувам со благодарност и прегратки со мојот партнер и моето милениче (златен ретривер) Џеси. А целиот утрински ритуал ми е резервиран за прошетка на Џеси во градскиот парк. Прошетката трае повеќе од еден час, и за тоа време освен што ја уживам природата и мирот кој таа го носи, конзумирам вода и јадам овошје и после прошетката во зависност од расположението пијам чај или кафе.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

По природа сум утрински човек, и го обожувам утрото бидејќи ми дава надеж за нови можности и предизвици. Утрото ми буди насмевка на лицето и душата, и откако во последниве скоро три години ја шетам Џеси во градскиот парк, слободно можам да кажам дека асоцијацијата на скопското утро ми е мирисот и убавините на природата во паркот и таа убавина ја воспримам со сите мои сетила.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Секој период од годината има своја убавина. И не би можела да одвојам посебен дел од годината. Пролетта ми мами насмевки со своите мириси и зачетокот на расцветувањето на природата. Летото ми мами насмевки со јасноста на сонцето и нејзините зраци, мирисот на морето и свежината на воздухот во планините. Зимата ми мами насмевки со снежните покривки кои би сакала да ги има повеќе. А есента ми мами насмевки со величествените бои на природата и мирисот на дождот.

Викендите во Скопје се посебни затоа што..

Викендите во Скопје се посебни зошто луѓето се порелаксирани, имаат убава енергија и се дружат со своите семејства. Ги сакам викендите зошто ми даваат слобода да и посветам повеќе време на мојата фамилија.

На Скопје му недостасува...

  На Скопје му недостасува љубов, а бидејќи Скопје се луѓето во градот, слободно можам да кажам дека луѓето во Скопје го заборавија фундаментот на постоењето, а тоа е љубовта.  На луѓето во Скопје им недостасува љубов, разбирање, толеранција, сочувство, емпатија, и свесност дека животот ги сака. Можеме да чекаме некој друг да ги направи нештата за нас или можеме самите да донесеме одлука и да преземеме одговорност за сопствениот живот, да ја пронајдеме моќта во нас и со нашата извонредност да дадеме придонес кон сочувство, мир и љубов, и да го направиме Скопје подобро место за живеење.

Скопје во само три зборови…

За мене Скопје во три зборови: Вардар, ГТЦ, Стара чаршија.

Вие сте тренер за личен развој, мотивациски говорник, автор. Како ги мотивирате луѓето на промени? Колку луѓето кај нас сакаат да работат на себе?

Повеќе од 4 години се занимавам со мојата професија како тренер за личен развој. Во меѓу време објавив 2 книги за личен развој „333 Афирмации“ и „Будење на свеста“, и станав Реики мастер енергетски терапевт. Праќањето на пораката за промени во Македонија е навистина предизвик. Вистинскиот извор на страдањето насекаде во светот е болката, стравот и незнаењето. Се додека ја проектираме нашата моќ надвор од нас, и не сме во можност да ја препознаеме внатрешната моќ, која вистински не исцелува, тогаш и го подржуваме сето ова страдање кое му се случува на светот. Најголемиот предизвик на македонскиот човек е што не презема одговорност за сопствениот живот и за сопствените резултати. Наједноставно е да се покаже со прст, да се бара оправдување, изговор, да се суди. Овој менталитет долго време го прати македонскиот човек, и навистина е предизвик да се мотивираат луѓето кај нас за промени. Иако има доста разбудени битија кои веќе се на патот на самоисцелување, сепак најголем број од луѓето се уште се несвесни и е потребна вистинска мотивација за било каква промена. Мојата мисија е да им покажам на луѓето со личен пример, дека има нешто надвор од агресивниот систем кој во секој миг наоѓа начин како да не потчини во својата закрила за да може да не искористи на секој начин. Нашата татковина навистина може да биде прекрасно место за живеење ако сите придонесеме во процесот на развој. Наместо да чекаме нешто или некој да донесе промена, доволно е да донесеме одлука за промена и да преземеме одговорност за сопствениот живот и сопствените резултати и промените ќе започнат да се случуваат. Секое долго патување започнува со еден чекор.

Кои се вашите следни работни ангажмани, на какви/ кои проекти ќе работите оваа есен?

Веќе започна месецот на нови можности, така и моите обуки започнаа. На 16, 17 и 18-ти септември започнуваат новите групи на медитации за трансформација и повисока свест, и тука ми е главниот фокус во наредниве месеци. Минатата година ова време започнав со циклус на водечки медитации за трансформација и повисока свест. Овој циклус трае 2 месеца, и еднаш неделно се одржува по една медитација. До сега над 90 учесници го поминаа ова медитативно искуство, и овој септември продолжуваме со нови групи. Сакам да појаснам, дека кога зборуваме за медитација, не треба да ја сфаќаме како „источна работа“, за каква што обично се смета. Медитација не значи само да седиме со затворени очи, и не претставува тренд или модерна активност која денес луѓето ја прават покрај јогата, трчањето и фитнесот. Не! Медитацијата има многу поголемо значење. Во последните години расте бројот на научните и медицинските истражувања за утврдување на придобивките од практикувањето медитација. Еве само дел од нив: овозможува ослободување од стрес, мирен сон, подобар имунолошки и кардиоваскуларен систем, хармонизација на емотивната состојба, зголемување на енергијата, подмладување, поттикнување на креативноста, и уште многу други позитивни придобивки. Ги повикувам сите заинтересирани да бидат дел од ова двомесечно искуство и лично да откријат и доживеат колку едноставна и трансцедентна е медитацијата. А сите информации можат да ги добијат на следниот линк https://www.katerinaangelovska.mk/nastani/