На кафе со Јована Костадиновска

Јована Костадиновска, едно од лицата со кои на многумина скопјани им започнува денот, гледајќи ја во утринската програма на Тв „Сител“.

Како изгледа едно утро на Јована Костадиновска? Дали имаш некои утрински ритуали пред почетокот на утринската емисија?

Обожувам што сум ранобудник, без разлика на денот во неделата дали е работен или не, кога рано го почнуваш денот имаш време за се а од утринските ритуали ги издвојувам чаша обична вода и македонско горко кафе приготвено од сопругот и тишина додека децата спијат. 

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Го сакам Скопје кога полека се буди, тишината на булеварите кои полека се осветлуваат од сончевите зраци и по некој чевел што ќе тропне да ме потсети дека не одам само јас рано на работното место. 

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Пролет со јапонските цреши на ул.Максим Горки и есента со преубавите пастелни жолта, зелена, кафена во Градскиот парк.

Омилена скопска викенд дестинација?

Среќна сум и исполнета што живеам надвор од градската врева, во Сопиште, и ова е дестинацијата која е моето прибежиште.

На Скопје му недостасува…

Во моментов да блесне во полн сјај, но додека се укаже можност да се вратиме во полниот Скопски живот и сјај како порано, Скопјани верувам во меѓувреме ќе поработат на општествената стигма да не постои и на враќање на човечноста, почитта, благодарноста и сите етички и морални вредности кои се подзаборавија. Ќе додадам и човечка култура како главен недостаток за да може да се задржи и да опстои сјајот на градот.

Скопје во само три зборови…

Мало, Слатко и Магично. 

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

За сите нас донесе пред се правила во секојдневното функционирање кои мора да ги почитуваме, одржувањето на дистанца и носење на заштитна маска се моето работно секојдневие.

Кои се твоите следни работни предизвици? Дали може да очекуваме новини во утринската емисија на Сител оваа есен?

За новитетите ќе мора да ме следите да видите дали ќе ги има. Шегата настрана, целиот овој период од март месец е вистински предизвик за новинарската фела да ја пренесе секоја нова информација навремено но и да ве потсети на се она друго што се случува во животот освен короната. Верувам и дека таков период останува пред нас и јас сум подготвена за предизвикот.