На кафе со Јордан Колевски

Маркетинг и онлајн менаџер во Fashion Group. 

Како изгледа едно утро на Јордан Колевски? Дали имаш некои утрински ритуали?

Утрото ми е омилен дел од денот. Бидејќи сум ранобудник и навистина сакам да уживам во утрото со моите секојдневни ритуали: кафе и студена вода, читање на дневните новости, туширање, подготовка на дневниот изглед и преферирам да подготвам смути.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Прва асоцијација во овој период ми е маглата која што ја гледаме секое утро.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Скопје ми мами постојано насмевки, во било кој период од годината е преубаво. Ги обожавам прошетките по Kеј, Парк, Водно и Матка. Ми мами насмевки летно време кога Боемската улица е преполна со народ, ми мами насмевки кога гледам среќни и насмеани лица по улиците и се почесто стилизирани луѓе кои ги среќавам на скопските улици.

Омилена скопска викенд дестинација?

Омилена викенд дестинација ми е викендицата во близина на Скопје, односно во село Дивље. Волшебна природа и не толку населено место со преубав поглед и спокој.

На Скопје му недостасува...

Повеќе рекреативни паркови, средени улици и тротоари, ноќен живот.

Скопје во само три зборови...

Липа, калдрма и храна.

Јордан, работиш во една од најкреативните индустрии со светски познати модни брендови. Како изгледа еден твој работен ден?

Доста динамичен и исполнет е секој мој работен ден. Актуелната ситуација не стави пред малку поинакви предизвици со кои што секојдневно се соочуваме. Убавината во мојата работа е тоа што владее преубава креативна енергија и имам одличен тим на колеги.  

Покрај професионалниот ангажман во Fashion Group водиш и успешен личен профил на Инстаграм. Според тебе, што е клучно за успех на социјалните медиуми, како се развиваше твојата приказна?

Искрено кога го креирав профилот на Инстаграм немав никакви планови и идеи, едноставно го отворив за забава. Со тек на време започнав да ги објавувам моите секојдневни аутфити и наидов на многу позитивни реакции, така што во 2016 година го креирав мојот бизнис профил на Инстаграм како и првиот машки моден блог кој што траеше до 2018 година. Нема одреден клуч за успех на социјалните мрежи, едноставно треба да ги следите актуелните трендови, постојано да објавувате разновидна содржина и да бидете тоа што сте вие, а не она што сакаат другите да го видат кај вас.

Маркетинг во време на светска пандемија, колку и како влијаеше целата оваа новонастаната ситуација на работењето? Дали имаше потреба да се воведат нови навики во работењето и секојдневното реализирање на обврските?

Општо новонастаната ситуација влијаеше на сите, па така и на маркетингот кој беше ставен на многу непредвидливи предизвици, а првенствено поради опстанок на многу бизниси. Потребно беше да се развива добра стратегија како да се реагира и раководи делот со маркетинг кампањите во време на пандемија, особено односот компанија – потрошувачи.  Секако дека се воведоа многу нови работни навики, првенствено од фактот дека сите работевме од своите домови, сите состаноци се одвиваа онлајн и на крај се испостави дека сепак може и така да се фукнционира.

Кои се твоите следни работни предизвици?

Самата ситуација не наведе да размислуваме малку повеќе што е тоа што не исполнува и не прави среќни. Така што имам доста планови лично поврзани со мене каде што би дошла до израз мојата креативност и личност. А, во однос на работни предизвици уште подобри маркетинг стратегии и кампањи, нови соработници и уште многу нови успешни проекти.