На кафе со Јелена Богојевиќ

Јавноста ја запозна како водител на емисијата “Фвчерашни новости”, има искуство и како радио водител и модел. Во моментот е професионално ангажирана во ТВ Сител, како дел од тимот на  емисијата “Магазин”.

Како изгледа едно утро на Јелена Богојевиќ? Дали имаш некои утрински ритуали?

Моето утро го започнувам со овошна салата или смути во домашни услови, првиот оброк ми е навистина важен дел од денот, морам да појадувам за да останам свежа и исполнета со енергија во текот на претпладневните часови, а доколку сум излезена купувам нешто од пекара за да повеќе се најадам J Првото утринско кафе го пијам со музика или телевизија во позадина за да се расонам и уживам кога имам време да го пијам побавно.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Скопското утро во овие зимски и студени денови ме асоцира на темница, мир и тишина, но во оние потопли периоди сакам дури и да останам будна до наутро за да го видам изгрејсонцето, обично летно време зорите ми се фасцинантни, сакам и да ги фотографирам боите на небото и убавите пејзажи.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Го обожувам Скопје наесен, тогаш го има сиот спектар на бои пред нас, лисјата се од модро црвени, па до светло зелени... Целата природа ми буди емоции и отсликува завршување на едно и навестување на ново годишно време. Ги сакам прошетките низ шарените паркови и улици, а и ми се допаѓа времето кога не е ниту премногу топло, ниту премногу студено, едноставно умерено или тамам.

Омилена скопска викенд дестинација?

За викенд убави места за шетање ми се Градскиот парк, но кога нема гужва или пак Водно и Нерези околу манастирот „Св. Пантелејмон“, има убави патеки и природни сенки, па и летно време знае да биде пријатно, а малку подалеку омилено место ми е и Козјак.

На Скопје му недостасува…

На Скопје му недостасуваат повеќе искрени и добронамерни луѓе, повеќе дружби (и пред пандемијата)... Секако, на секој од нас во одреден период му недостасуваат различни работи: почист воздух, хигиена, можеби подобар ноќен живот, подобра инфраструктура, културни настани, но би ги издвоила човечноста и емпатијата кај народот.

Скопје во само три зборови…

Љубов, дом, спомени.

Во време на глобална пандемија кога животот во целост се промени и многу работи запреа, ти започна со работа на нов проект, емисијата Mагазин. Колку сте задоволни од гледаноста, како публиката ја прифати емисијата?

Мислам дека на публиката ѝ требаше некое освежување, нешто ново и поразлично во етерот, задоволни сме со тоа како се одвиваат работите со „Магазин“, со тек на време луѓето сè повеќе реагираат и се навикнуваат на нас, сепак природноста и искреноста се препознаваат, така што се надевам дека ќе ја задржиме довербата на гледачите.

Јелена, дали постои нереализиран проект, концепт на емисија кој посакуваш да ти се случи во иднина?

Имам работено на различни ТВ и радио проекти и задоволна сум засега од реализираното, секогаш сакам да се подобрувам што повеќе можам, па ќе видиме каде ќе ме однесе патот во иднина.