На кафе со Јана Белевска, специјалист, гинеколог акушер, дел од тимот на приватната болница „Ремедика“

Јана Белевска - специјалист, гинеколог акушер, дел од тимот на приватната болница „Ремедика“.

Колку сте задоволни од нивото на свесноста на дамите за потребата од редовна посета на гинеколог? Дали скопјанки доаѓаат на редовни контроли?

Генерално, да. Жените со развиена свест за своето здравје редовно посетуваат гинеколог. Помладите заради планирање на семејството, а повозрасните заради постојните или можни проблеми предизвикани од хормоналните промени со тек на годините. За жал, има случаи на задоцнета посета на гинеколог. Тоа се тешки моменти и за пациентките и за гинеколозите. Затоа, како гинеколог, постојано повторувам и апелирам, жените да бидат свесни дека грижата за нивното здравје не подразбира само редовна посета на матичен лекар, интернист, стоматолог, кардиолог, туку во својот „здравствен“ календар да вметнат и редовни посети и контроли кај матичниот гинеколог.

Бременост во време на светска пандемија. Дали фетусот/бебето може да заболи од коронавирус од мајката во матката?

Се уште со сигурност не се знае дали бремената жена може да го пренесе новиот коронавирус Ковид-19 на нејзиниот плод или новороденото за време на бременоста или во тек на породувањето. Од досегашните студии кај многу мал дел од заболените трудници е докажана вертикална трансмисија. До сега, новиот коронавирус не бил пронајден во мајчиното млеко и затоа се советува и покрај позитивен резултат кај мајката да не се прекинува доењето на новороденчето.

Исто така досега нема знаци дека Ковид-19 ги зголемува ризиците од аномалии на плодот.

Како пандемијата влијае врз бремените жени? Дали постои страв, паника…?

Не би рекла страв и паника, туку повеќе загриженост и поголема одговорност. Бременоста и во нормални услови кај жената предизвикува бура од емоции: среќа, радост, возбуда од очекуваните промени во животот, загриженост за текот на бременоста и за здравјето на плодот. Се тоа е природна реакција кај секоја идна мајка. Во оваа „нова нормалност“, сите овие чувства се можеби понагласени, па така, и загриженоста е поизразена. Но, најчесто преовладува чувството на среќа од состојбата и чувството на одговорност. Убаво е кога ќе видите како и многу млади мајки сериозно ја сфаќаат бременоста и колку зрело се однесуваат во новонастанатава ситуација. Да, се плашат, но затоа се многу поодговорни.

Дали постојат специфични мерки на претпазливост за бремените жените од COVID-19? Што ги советувате вашите пациентки во овие тешки ковид месеци?

До денес нема научни докази за зголемена подложност на бремените жени на COVID-19. Сепак, бременоста носи физички промени што може да придонесат некои бремени жени да бидат поподложни на вирусни респираторни инфекции. На бремените жени со респираторни заболувања мора да им се даде највисок приоритет во лекувањето поради зголемениот ризик од неповолни исходи. Бремените жени треба да ги преземат истите превентивни активности за избегнување инфекција што се препорачани за сите медицински лица, како на пример, носење на маска, избегнување близок контакт со секој кој кашла и кива, физичка дистанца, често миење на рацете со сапун и вода или употреба на алкохолно средство за дезинфекција на рацете, соодветна суплементарна витаминска терапија како и добра термичка обработка на храната.

Но најважно од се е,освен доследно почитување на препораките од здравствените лица, да се радуваат, да се опуштат и да уживаат во бременоста, зашто не случајно се нарекува „благородна“ состојба.

 Како до подобар имунитет кај бремените жени со цел заштита од вирусот и секако заштита на плодот?

Повеќе одмор, повеќе сон, повеќе престој во природа на чист воздух. Многу витамини, здрава исхрана, вежби за бременост и се разбира,да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од Ковид-19, да доаѓаат на редовни гинеколошки контроли и да останат одговорни.

Но, да не заборават да се грижат и за менталното здравје, зашто среќна, спокојно, здрава мајка, значи нормална бременост и здраво новороденче.

COVID-19 влијаеше и се уште многу влијае врз начинот на секојдневното функционирање на секој од нас. Како вие ги поминавте деновите во карантин и како е да се биде доктор гинеколог во време на светска пандемија во Македонија?

За мене немаше карантин. Од првиот момент на појава на пандемијата бев на работното место, дури и повеќе од вообичаено. Како и сите други медицински лица и ние гинеколозите, бевме во првите „борбени редови“. Пандемијата беше и за нас непознаница, се соочувавме со секакви ситуации, но, еве барем до сега,добро ги совладуваме сите предизвици. Повеќе од било кога сум посветена на  професијата. Ги следам сите светски случувања на полето на гинекологијата. Се грижам за моето здравје, ги почитувам препораките зашто знам дека од мене зависи здравјето на секоја жена што влегува во ординацијата, но и здравјето на моите најмили. Мислам дека  преку ноќ„пораснав“ за 10-20 години. Да бидеш лекар, во Македонија,па и било каде во светот е многу одговорна задача. А да бидеш лекар-гинеколог, во време на пандемија е навистина сериозен предизвик. Но, секогаш има едно но, ако си ја сакаш професијата, како што јас ја сакам мојата, ако си одговорен и посветен  и ако имаш поддршка од семејството и од најблиските,се е многу полесно.

Koj е првата ваша асоцијација за скопско утро?

Ако ме прашувате на какво утро се сеќавам и какво посакувам, веднаш ќе одговорам:сончеви зраци што се пробиваат низ зелено-црвениот ѕид од ружата-ползавец на мојот балкон, мирисот на утринската роса измешан со мирисот на ружата и моето прво кафе, звуците на градот што се буди измешани со песната на птиците...мирно, спокојно...

Но, овие сеќавања се повеќе бледнеат зашто, во последно време,се почесто ме будат некакви други мириси и звуци, многу поразлични од овие што ги паметам.

Што му недостасува на градот?

Од каде да почнам!? Од нечистите улици,од тротоарите со паркирани коли, недостаток на велосипедски патеки, од контењерите со неиспразнет смет, од зелените површини претворени во бетонски зданија, од загадениот воздух, од непочитување на сообраќајните правила и прописи....

Едноставно, му недостасува ред, чистота, подобра организација и најмногу од се, му недостасува љубов од нас граѓаните. Убаво е нашево Скопје ,ако си го сакаме треба и така да се однесуваме кон него. Или,ако сакате, да се изразам во стилот на мојата професија, да го сакаме и да се однесува како кон свое дете .